Џенаро Гатузо изјави дека „со тешко срце“ ја напушта репрезентацијата на Италија, свесен дека неговата улога е завршена откако не успеа да ги предводи „Аѕурите“ на Светското првенство.
Италијанската фудбалска федерација (FIGC) денеска потврди дека Гатузо повеќе не е селектор на репрезентацијата.
„Со тешко срце, бидејќи не успеавме да ја постигнеме целта што си ја поставивме, сметам дека мојата улога како тренер е завршена. Дресот на „Аѕурите“ е најскапоценото нешто во италијанскиот фудбал и затоа е правилно да се дозволат нови технички проценки“, рече Гатузо, заблагодарувајќи им се на сите што го поддржуваа за време на неговиот мандат.
„Сакам да им се заблагодарам на претседателот Габриеле Гравина, Џанлуиџи Буфон и на сите вработени во Здружението за довербата и поддршката што отсекогаш ми ја даваа. Беше чест да ја водам репрезентацијата со група играчи кои покажаа посветеност и преданост кон овој дрес. Најголема благодарност им должам на навивачите, на сите Италијанци кои секогаш покажуваа љубов и поддршка кон репрезентацијата во последните месеци. Секогаш со сината боја во нивните срца“ – рече Гатузо.
Италија не успеа да се квалификува на Светското првенство по трет пат по ред, откако загуби во плејофот во Зеница од репрезентацијата на Босна и Херцеговина.
Претходно, оставки поднесоа и Џанлуиџи Буфон и претседателот на Италијанската фудбалска асоцијација Габриеле Гравина.
