Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави, по разговорот со египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси, дека Египет повеќе нема да увезува жито што Русија го извезува од украинските територии што ги контролира, но дека е заинтересиран за зголемување на увозот на жито од Украина.
Во објава на Телеграм, Зеленски му се заблагодари на Ел-Сиси за таа одлука, објави Укринформ.
Украинскиот претседател истакна дека Египет е исто така подготвен да вложи напори за постигнување праведен мир во Украина, наведувајќи дека е постигнат договор министрите за надворешни работи на двете земји да бидат во контакт.
Зеленски изјави дека со Ел-Сиси разговарал и за ситуацијата на Блискиот Исток и регионот на Заливот, како и за нејзиното влијание врз светскиот пазар на нафта.
Toj изјави дека во март Русија претрпе најголеми загуби во целата војна – повеќе од 35.000 мртви и повредени.
„Руските загуби во март достигнаа највисоко ниво за време на војната: само благодарение на нападите на нашите беспилотни летала, 33.988 руски војници беа убиени или сериозно ранети, а уште 1.363 окупатори беа елиминирани благодарение на артилеријата и другите напади. Тоа се повеќе од 35 илјади руски загуби за еден месец, а тоа се јасно потврдени загуби: имаме видео запис од секој таков пораз во нашиот систем“, рече Зеленски.
