Милатовиќ пред пратениците: Нашата визија за влез во ЕУ не е целосна без вас

Од:

Нашето пријателство ги надраснува вообичаените дипломатски фрази за отсуство на отворени прашања. Тоа е суштинско, тоа е преживеано и тоа е вистинско. Тоа е пријателство што го граделе поединци како нашиот голем книжевник Радован Зоговиќ кој во црногорскиот и македонскит карактер го препозна истиот непокорлив дух на слободата. Тоа е нишката што не врзува, а се гледа во делото на вашиот голем писател и револуционер, Кочо Рацин, кој во црногорските другари виде браќа според идеалите на правдината, истакна црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ во обраќањето пред македонскиот Парламент.

Милатовиќ, кој е во прва официјална посета на нашата земја, потенцира дека Црна Гора денеска стои пред вратата на Европската унија и оти со оптимизам очекува дека наскоро ќе стане првата нејзина наредна членка.

– Ние сакаме да станеме 28-ма земја членка во 2028 година. Меѓутоа, сакам тоа овде јасно да го кажам, нашата визија не е целосна без вас. Нашата визија е целиот Западен Балкан како нераскинлив дел од европското семејство, истакна Милатовиќ.

На надворешно политички план, потсети тој, „ние чекориме со ист чекор и горди сме што можевме да ви пружиме рака кон членството во НАТО“. – Денес ја потврдуваме нашата целосна усогласеност со евроатланските вредности, рече Милатовиќ.

Осврнувајќи се на соработката меѓу двете земји, црногорскиот претседател Милатовиќ рече дека нашата соработка во економијата, во инфраструктурата, енергетиката и туризмот не треба да остане само на ниво на потенцијал.

– Наша должност е заедничка институционално да ги поврземе нашите стопанства и да ги модернизираме нашите општества за резултатите на нашите политики да станат мерливи со подобар живот на секој граѓанин, рече Милатовиќ.

Во времињата на големи глобални искушенија, додаде тој, нашите држави остануваат вредносни патокази за почитување и за уважување на различностите, кое за нас се богатство.

Со тоа даваме клучен придонес кон нашиот заеднички регион праќајќи јасна порака и од Скопје и од Подгорица дека различните вери и нации не се ѕидови што не делат туку мостови што силно не врзуваат и спојуваат, рече црногорскиот претседател пред пратениците.

На обраќањето на Милатовиќ во пленарната сала присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која е негов домаќин и со која имаше средба и прес-конференција во Вилата Водно, а неговиот говор го проследија и членови на македонската Влада, претставници на правосудството, верски лидери, како и членови на дипломатскиот кор во земјава.

Во Собранието црногорскиот претседател имаше средба и со претседателот на законодавниот дом Африм Гаши.

Би можело да ве интересира

Сиљановска Давкова – Милатовиќ: Заедничка визија за стабилен и просперитетен регион интегриран во ЕУ

Милатовиќ: Нон-пејперот на Европската Комисија е важно предупредување

Горан Наумовски

Сиљановска Давкова со забелешка за новата еврокомесарка за дикцијата во однос на очекувањата за уставни измени

А1он

Загрозена е безбедноста на црногорскиот претседателот Јаков Милатовиќ

Средба на претседателот Пендаровски со претседателот на Црна Гора