ТАВ Македонија: Можно е ограничено влијание од кризата кај дел од дестинациите од домашните аеродроми

Од:

Како резултат на конфликтот на Блискиот Исток, можно е одредено ограничено влијание кај дел од дестинациите од домашните аеродроми, но засега не се очекуваат поголеми нарушувања во авиосообраќајот, велат од ТАВ Македонија.

Оттаму информираат дека засега само Виз ер ја прекинува редовната авиолинија Скопје – Ларнака, од 13 април, и таа во иднина ќе биде сезонска во тек на летните месеци.

Во пресрет на летниот ред на летање, од ТАВ велат дека по успешната 2025 година и силната зимска сезона очекуваат продолжување на стабилниот раст и во наредниот период, поткрепен со зголемен број патници и проширување на мрежата на дестинации.

По војната на Блискиот Исток, дел од авиокомпаниите веднаш мораа да се прилагодат на настанатата состојба, а со тоа и да ги реорганизираат рутите и распоредите на летови, што индиректно се одрази и врз туристичките патувања на глобално ниво.

– Од гледна точка на ТАВ Македонија, како оператор на двата македонски аеродроми, нашата надлежност се аеродромските операции и обезбедување непречено и безбедно функционирање на услугите за сите авиокомпании и за патниците додека тие се на аеродромите. Секако, внимателно ја следиме состојбата и сме во постојана комуникација со авиопревозниците. Во овој момент не се очекуваат значајни промени во вкупниот број на летови и на патници, имајќи предвид дека најголемиот дел од сообраќајот на скопскиот и на охридскиот аеродром е поврзан со дестинации во географска Европа, особено Западна и Северна Европа, изјави Неџат Курт, главен извршен директор на ТАВ Македонија.

„Виз ер“, појаснува тој, ја прекинува редовната авиолинија Скопје – Ларнака откако интересот за резервации на авиобилети се намалил.

– Значи, можно е одредено ограничено влијание кај дел од дестинациите, но засега не се очекуваат поголеми нарушувања во авиосообраќајот, вели Курт.

Со летниот ред на летови, кој стартува ноќеска на полноќ ќе има 10 нови дестинации од двата домашни аеродрома.

Од Меѓународниот аеродром Скопје ќе сообраќаат 16 авиокомпании на 49 дестинации, а чартер летови ќе има кон шест дестинации, како и 20 дестинации кон кои ќе лета авиокомпанијата „Фри Брд Јуроп“.

Од Аеродромот Св. Апостол Павле, пак, ќе летаат седум авиокомпании до 13 дестинации, а чартер летови кон три дестинации на две авиокомпании.

На почетокот на новиот ред на летање, 29 март, стартува авиолинијата од Охрид до Милано, а од 30 март Скопје првпат се поврзува со Неапол, а повторно се воведува авиорутата до Будимпешта. Потоа од 17 мај, „Аустријан Ерлајнс“ ќе започне со летови од Охрид до Виена, а во јуни Виз ер ќе воведе уште две нови линии од Охрид до Катовице и Вроцлав.

Од 15 јули стартува линијата од Скопје до Палермо, а од 18 јули започнува рутата Скопје – Алгеро.

Во првите денови од јуни, започнуваат и чартер летовите од Скопје до Трабзон на 2 јуни и до Самсун на 3 јуни на авиокомпанијата Anadolu Jet.

Според најавите, утре и официјално ќе почне реконструкцијата и модернизацијата на Охридскиот аеродром, која се очекува да биде завршена до крајот на мај годинава.

Би можело да ве интересира

Поради намалена видливост откажани се 20 летови

Предраг Петровиќ

Сите аеродромски системи се во функција и засега нема откажани летови соопшти ТАВ Македонија