Предводена од новиот селектор Гоце Седлоски, македонската фудбалска репрезентација вечер во Копенхаген ќе се соочи со Данска во полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство 2026.
-Ова е голем момент за сите нас. Имаме шанса да се бориме за место на Светско првенство и тоа е мотив што ја обединува целата држава. Данска е квалитетен и респектиран противник, но и ние сме тука со причина. Во тимот гледам енергија, концентрација и желба. Играчите го разбираат значењето на дресот и верувам дека тоа ќе го покажат на терен. Подготвени сме тактички, знаеме што сакаме да играме, иако одлуката за составот и формацијата останува кај мене, изјави Седлоски вчеравечер на прес-конференцијата.
Данска на мечот влегува како голем фаворит, но нашите фудбалери најавуваат максимално залагање во обид да го изненадат квалитетниот ривал.
Почетокот на натпреварот во Копенхаген е закажан за 20 часот и 45 минути. Сите билети на стадионот „Паркен“ се распродадени, капацитетот е 38 илјади, помеѓу нив ќе има околу илјада македонски навивачи.
Победникот од овој дуел, во финалето на плејофот на 31 март ќе се соочи со поуспешниот од дуелот Чешка – Република Ирска.
