Во Основниот кривичен суд – Скопје денеска продолжи судењето за предметот „Спортски ваучери“, во кој 12 лица се обвинети за злоупотреба на службена положба и несовесно работење поврзани со распределбата на средства од државната програма за поддршка на спортот. Меѓу обвинетите се поранешните директори на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски и Наумче Мојсовски, претседателот на Македонски олимписки комитет Даниел Димевски и уште неколку лица поврзани со спортски федерации и институции.
На денешното рочиште беше вкрстено испитуван генерален секретар на Пливачката федерација на Македонија (ПФМ). Одбраната најголем дел од прашањата ги насочи кон статусот на жиро-сметката на Федерацијата, која, според наводите во судницата била блокирана подолг период, како и кон отворањето на нова сметка на која биле насочувани средства од спортски ваучери.
Адвокатите прашуваа дали во периодот кога Федерацијата доставувала дописи до Агенцијата, во Централниот регистар било впишано друго лице како претседател. Сведокот не се согласи со тврдењето дека во најголемиот дел од тој период фигурирало друго име.
Одбраната проблематизираше и дали ваучери биле издавани на новоотворена сметка, паралелна на блокираната сметка на Федерацијата, и дали таа сметка била на друго правно лице, што, според формулацијата на прашањата, како што велат, би можело да претставува кривично дело. Сведокот во одговорите посочи дека станува збор за сметка поврзана со член на Федерацијата и дека средствата се користеле во рамки на нејзината дејност.
Во текот на испитувањето беа споменати и гаранти поврзани со финансиските трансакции, меѓу кои и лицето Александар Филипчев. Одбраната укажа и на промени во уписите во Централниот регистар, наведувајќи дека во 2021 година како овластено лице бил запишан Александар Маленко, додека друго лице со слично име било избришано од таа позиција.
Сведокот беше прашан и за мотивите за барање средства преку системот на спортски ваучери, односно дали целта била подмирување на претходно доспеани обврски поради блокираната сметка, на што сведокот одговори негативно.
Во завршниот дел од вкрстеното испитување, исто така, одбраната го отвори прашањето дали, согласно закон, средствата добиени по основ на спортски ваучери можат да се користат исклучиво наменски.
Предметот во јавноста познат како „спортски ваучери“ се однесува на наводни неправилности при доделувањето и користењето на средствата преку системот на ваучери од Агенцијата за млади и спорт. Според обвинението, проценетата штета надминува пет милиони евра. Судскиот процес продолжува со вкрстено испитување на уште двајца сведоци, меѓу кои и поранешниот претседател на Пливачката федерација на Македонија Александар Маленко.
