Родителите на загинатите во „Пулс“: Ветивте правда — испорачајте ја, без изговори, нашето трпение е при крај!

Од:

Родителите на починатите во трагичниот пожар од 16 март лани во дискотеката „Пулс“ денеска на протестниот „Марш за ангелите“ реагираа на забавената динамиката на закажување рочишта во судскиот процес.

Пред почетокот на судењето добиле јасно и гласно ветување од судиите и обвинителите дека ќе има две рочишта неделно, дека нема да има одложувања со неоправдана причина, дека строго ќе се контролираат лекарските оправдувања, нивната цел, точноста и дали навистина соодветствуваат со фактичката и здравствената состојба на обвинетиот.

-Денес прашуваме: каде се тие ветувања? Гледаме одложувања, гледаме оправдувања. Во месец јануари се одржа само едно рочиште. Во февруари досега се одржаа две, а до крајот на месецот е закажано уште едно – ако воопшто се одржи. И токму затоа прашуваме: каде е ветената динамика? Каде е најавеното темпо од две рочишта неделно? Гледаме обвинети кои одеднаш, од здрави, стануваат „болни“ и доставуваат медицинска документација за која ние не знаеме дали е основана или не. А тоа кај нас буди сомнеж дека ваквите дејствија се во насока на одолговлекување на постапката – рече пред Основниот суд во Кочани, Александар Наунов, татко на починатата Надица.

Зборувајќи во името на родителите на настраданите, Наунов нагласи дека слушнале информации за привилегии што не смеат да постојат.

Според него, на првоосомничениот му бил пронајден телефон во ќелијата и сè завршило со опомена.

-Се поставува прашањето: дали навистина се врши редовна контрола во притворот? Што се случува со телефоните на првоосомничениот? Дали се обработени до крај и дали од нив е извлечена целата можно достапна комуникација? И уште поважно – дали е прифатливо лице осомничено во ваква трагедија да помине само со опомена, или требаше директно да следи казна со краток престој во самица? Тоа не враќа доверба. Тоа отвора сомнежи. Бараме одговор – рече таткото на загинатото девојче.

На сите оние кои однапред тврдат дека случајот „Пулс“ бил толку „климаво поставен“ што ќе падне, Наунов им порача да запомнат дека, како што рече: „под тие скали не лежи предмет, не лежи бројка, не лежи статистика. Под тие скали лежат 63 млади животи, 63 недоискажани соништа, 63 светови што згаснаа за миг, 63 семејства што никогаш повеќе нема да бидат цели. Тоа не се имиња на лист хартија. Тоа се свети имиња — вредни за почит, за достоинство, за вистина“.

-Ако ветивте динамика — покажете ја. Ако ветивте контрола — спроведете ја. Ако ветивте правда — испорачајте ја. Нашето трпение е при крај, но нашата борба за правда не запира. Ќе следиме. Ќе прашуваме. Ќе зборуваме. Правдата за „Пулс“ мора да се случи. Без одлагање. Без изговори. Без компромиси – истакна Александар Наунов на крајот од обраќањето од пред кочанскиот Основен суд.

Би можело да ве интересира

„Марш за ангелите“: Поддршка за тужените што го демолираа кафулето на сопственикот на „Пулс“

А1он

33. Марш за ангелите: Молкот и одолговлекувањето повеќе не се прифатливи

Сопругата на Андреј од ДНК вели: Истражувањето што се водеше остана нецелосно, со многу отворени прашања, без одговор и недоразјаснети околности

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Правда за Кочани и убијци се скандираше на денешниот „Марш за ангелите“ пред Собранието на Македонија

Горан Наумовски

„Марш на ангелите“ во Кочани: Правдата и вистината да излезат на виделина

А1он

Во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“, родителите на починатите во „Пулс“ ги обвинија институциите, од кои бараат правда и праведно судење

Горан Наумовски