Претседателот на САД, Доналд Трамп го пофали документарецот на својата сопруга, првата дама Меланија Трамп, за неговиот силен почеток на кино благајните – но имаше една забелешка. Во разговор со новинарите во четвртокот, тој рече дека филмот „Меланија“ заработи 7,04 милиони долари (околу 6,48 милиони евра) во првиот викенд, но додаде дека ја предупредил дека „нема место за две ѕвезди во семејството“, пишува People.
„Нејзиниот филм оди одлично, моментално е број еден. Можете ли да верувате?“, рече Трамп во четврток, 19 февруари, на настан во Вашингтон.
„Таа е голема филмска ѕвезда“, продолжи тој.
„Секогаш велам дека е проблем затоа што нема место за две ѕвезди во семејството. Ѝ реков: не можеме да имаме две ѕвезди во семејството. Салите се полни. Особено жените, тие се враќаат и го гледаат два, три, четири пати“ рече Трамп.
Филмот „Меланија“ премиерно беше прикажан на 29 јануари во Центарот „Кенеди“, а прикажувањето во кината низ целиот свет започна еден ден подоцна, на 30 јануари.
Документарецот е создаден како дел од договор вреден 40 милиони долари (околу 36,8 милиони евра) со студиото „Амазон МГМ“, заедно со маркетинг кампања вредна 35 милиони долари (околу 32,2 милиони евра).
Тој прикажува делови од животот на првата дама во неделите што доведоа до втората инаугурација на претседателот Трамп во јануари 2025 година.
По силната премиера, заработката на филмот „Меланија“ на кино благајните значително се намали во последните недели, пишува The Daily Beast. За време на третиот викенд од прикажувањето, бруто-заработката беше намалена за 62 проценти во однос на претходната недела, според IMDbPro.
Филмот досега заработил вкупно 15,4 милиони долари (околу 14,17 милиони евра).
