Со симболично предавање на клучот од градот од градоначалникот Петар Јанков на карневалџиите, вечерва во Струмица почнаа осумдневните карневалски празнувања. Јанков и го предаде клучот на претседателката на Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал, Танкица Стојанова, со што беше означен почетокот на годинашното карневалско издание.
Според Јанков, со предавањето на клучот на карневалџиите започнува карневалската недела во Струмица и со тоа владеењето е во нивни раце се до траењето на Карневалот.
-Деновиве не очекува интересна програма организирана од Карневалскиот одбор и поддржана од Општината. Се надевам дека ова карневалско издание ќе биде едно од најуспешните и им посакувам добра забава и пријатна атмосфера на сите учесници во ова наше струмичко карневалско чудо, рече градоначалникот Петар Јанков.
Претседателката на Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал, Танкица Стојанова вети дека во претстојните денови ќе бидат „мирни“ и дека ќе има ред во Струмица и сите ќе бидат насмеани, весели и разиграни.
– Вечерва ќе ветиме една работа-во таа една недела ќе има само позитивна енергија, многу насмевки, многу среќа, многу дружба, музика и да бидеме највесели, рече Стојанова.
На јарболите пред Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица беа кренати државното и знамињата на Струмичкииот карневал и FECC, а струмичките мажоретки традиционално со свој настап ги најавија претстојните карневалски настани, од кои најважниот-Главната карневалска вечер ќе се одржи в сабота на 21 овој месец.
Веднаш потоа во Градската уметничка галерија беше отворена изложба на карневалски маски на Цветко Багашовски, кој годинава одбележува 35 години учество на Карневалот.
Карневалските празнувања утре продолжуваат со објавување на резултатите од литературниот конкурс на струмичката библиотека на тема карневал и Карневалски мјузикл кој ќе се одржи во НУЦК „Антон Панов“.
