Британка која беше застрелана од нејзиниот татко додека беше во посета на неговиот дом во Тексас, се расправаше со него за Доналд Трамп претходно во текот на денот, беше кажано на истрагата во Велика Британија.
Луси Харисон (23) од Ворингтон е застрелана во градите на 10 јануари минатата година во куќата на нејзиниот татко во Проспер, недалеку од Далас, пишува Би-Би-Си.
Истрага за смртта на Луси Харисон сега е отворена пред суд во Велика Британија, во градот Чешир, каде што нејзиното момче Сем Литлер опиша „жестока расправија“ за Трамп, кој тогаш требаше да биде инаугуриран за својот втор претседателски мандат.
Литлер, кој патуваше во САД со Харисон на одмор, рече дека често таа беше вознемирена од ставот на нејзиниот татко за поседувањето оружје. На расправијата, исто така, се слушна дека таткото – Крис Харисон, кој се пресели во САД кога неговата ќерка беше дете, претходно бил на рехабилитација од зависност од алкохол.
Литлер сведочеше дека за време на расправија за Трамп, неговата партнерка го праша татка си: „Како би се чувствувал ако сум во таква ситуација и некој ме нападне сексуално?“
Крис Харисон одговори дека има уште две ќерки кои живеат со него, па затоа тоа нема да го вознемири толку многу.
Литлер додаде дека Луси беше „доста вознемирена“ и истрча горе.
Подоцна истиот ден, околу половина час пред да заминат за аеродромот, Луси Харисон беше во кујната кога нејзиниот татко ја зема за рака и ја однесе во неговата спална соба долу, изјави Литлер пред судот.
Околу петнаесет секунди подоцна слушна силен тресок, а потоа Крис Харисон ја повика својата сопруга Хедер.
„Се сеќавам како истрчав од собата. Луси лежеше на подот до влезот во бањата, а Крис само врескаше неартикулирано“, рече тој.
Полицијата во Тексас ја истражува смртта на 23-годишната девојка како можно убиство од небрежност, но нејзиниот татко не беше обвинет откако големата порота на округот Колин одби да го обвини.
Нејзината мајка Џејн Коутс изјави дека нејзината ќерка, која работеше како продавач на стоки за модниот бренд „Boohoo“, беше „полна со живот“.
„Таа беше грижлива и страсна за сè. Обожаваше да разговара за работи што ја интересираат“, рече таа.
