Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи

Од:

Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.

На еминентниот собир, на кој учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието веќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење факти, туку триалог меѓу наставникот, ученикот и вештачката интелигенција. Таа укажа на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.

-Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста, рече претседателката.

Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.

-Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар, рече Сиљановска-Давкова.

Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.

-Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист, рече претседателката на самитот.

Чест е, напомена, да се биде меѓу некои од најбрилијантните умови на нашето време.

-Светот драстично се промени. Живееме во време на Четвртата индустриска дигитална револуција, динамична симбиоза на физичкиот, дигиталниот и биолошкиот свет. Ова е ера на паметни системи коишто носат независни одлуки за постигнување на совршенство во производството. Додека стариот свет беше на некој начин ригиден и линеарен, нашиот свет е меѓусебно поврзан и дигитализиран. За промена во светот, потребна е промена во образованието. За тоа, пак, потребно е реалноста да се согледа низ очите на новите генерации. Повеќето од нас овде припаѓаат на аналогната генерација, но учениците во нашите училници се дел од дигиталните, аудиовизуелните генерации Y и Z. Ова се деца кои користат iPad – и пред да можат дури и да одат или да зборуваат. Тие „пливаат“ низ интернетот како риби во морето. Тие не можат да замислат свет без дигитална поврзаност. Ова доведува до несовпаѓање. Ние сме аналогно раководство коешто се обидува да управува со дигитална генерација. Овие млади луѓе не бараат долги, ex cathedra предавања или книги од физичка библиотека. Тие ја имаат глобалната дигитална библиотека во џебовите, учат на поинаков начин. Посетуваат онлајн-курсеви од најдобрите универзитети во светот и гледаат куси упатства коишто објаснуваат сложени концепти за неколку минути. Тие не само што го менуваат она што го учат, туку и начинот на кој размислуваат, истакна Сиљановска-Давкова.

Би можело да ве интересира

Муцунски и Сиљановска-Давкова во Дубаи се сретнаа со Македонци што живеат и работат во ОАЕ

А1он

Амбасадорката Агелер на проштална средба кај претседателката Сиљановска Давкова

А1он

Сиљановска Давкова: Предложените членки на Судскиот совет ги избрав според нивната стручност, компетентност, но и професионален и личен кредибилитет

Сиљановска-Давкова: Божик е повик да погледнеме кон себе – jас не видов денеска намуртен човек, сите се насмеани

А1он

Филипче: Сиљановска ја избра најкорупмпираната власт која ја носи Македонија во изолација

Ако има решение за Украина, ЕУ ќе најде и за Македонија, порача претседателката Сиљановска

Катерина Ѓуровски