Висок американски службеник за имиграција го напушта Минеаполис откако федералната полиција уби уште еден американски државјанин во текот на викендот, што би можело да означи промена на тонот од Белата куќа во националната антиимиграциска кампања.
Додека командантот на граничната патрола Грегори Бовино и некои од неговите агенти заминуваат, претседателот Доналд Трамп го испраќа Том Хоман, познат како „граничниот цар“, во градот за да ги преземе теренските операции откако убиството на Алекс Прети во саботата доведе до ескалација на тензиите, пишува Би-Би-Си.
Бовино беше лицето на операцијата во Минеаполис, а тој ја ескалираше ситуацијата по пукањето тврдејќи дека Прети, очевидецот кој ги снимал агентите, имал намера да ги „масакрира“ федералните агенти. Министерството за внатрешна безбедност (DHS) соопшти дека агентите пукале во самоодбрана откако Прети, за кого велат дека имал пиштол, им се спротивставил на обидите да го разоружаат.
Како што објавија американските медиуми, Доналд Трамп синоќа одржа речиси двочасовен состанок во Овалната соба со министерката за внатрешна безбедност Кристи Ное, попозната како „ICE Барби“, и нејзиниот најблизок соработник Кори Левандовски.
Средбата наводно ја иницирала самата Ноем, а присутни биле и клучни луѓе од најблискиот круг на Трамп – шефицата на кабинетот Сузи Вајлс, портпаролката на Белата куќа Каролин Ливит и директорот за комуникации Стивен Чунг. Сепак, Стивен Милер, долгогодишен советник на Трамп, кој вообичаено ја води тврдокорната имиграциска политика на администрацијата, бил очигледно отсутен.