НБРМ: Зголемена ликвидноста на банките и кредитирањето

Од:

Ликвидноста на банкарскиот систем во Република Македонија во ноември се зголеми и банките имаа можност да го пласираат вишокот ликвидни средства во краткорочни финансиски инструменти. На домашните пазари беше забележан пораст на меѓубанкарската активност со депозити, а се тргуваше и на секундарниот пазар на хартии од вредност. На девизниот пазар, движењата беа под влијание на вообичаените сезонски фактори.

Ова е констатација на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, кој одржа седница вчера на која ги разгледуваше најновите макроекономски и пазарни показатели, во контекст на нивните ефекти врз поставеноста на монетарната политика.

Според првичните податоци за кредитните текови, во ноември дошло до забрзување на месечниот раст на кредитите, при што кредитната активност беше насочена и кон корпоративниот сектор и кон секторот „население“. Со тоа, за првпат по четири месеци, корпоративните кредити бележат месечен раст, констатира Комитетот според кој овие промени се во согласност со проекциите за раст на кредитните текови во последното тримесечје. Сепак, смета и понатаму постојат ризици околу проекцијата на кредитите, кои се поврзани со согледувањата на банките, како и со конзервативните стратегии применувани од големите банкарски групации во македонскиот банкарски систем.

Во соопштението од седницата на Комитетот се наведува дека расположливите високофреквентни показатели за третото тримесечје покажуваат дека економијата и натаму ќе расте, но веројатно послабо во однос на вториот квартал, при можни послаби остварувања во градежништвото и трговијата. Оцените и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да биде доволно силен за да може да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата.

Би можело да ве интересира

Во тек се преговорите со откупувачите за новата реколта тутун

Државниот инспекторат за животна средина се врати во матичното Министерство

Триесеттина патници дневно на повторно воспоставената железничка линија Скопје-Куманово-Скопје

Што растеше побрзо – платите или цените?

Доналд Трамп назначи бизнисмен со српско потекло за шеф на државната банка

Намален прометот во индустријата