Во „Кинотека“ вечер почнува специјалната програма „Најдоброто од Киненова“, соопштија утрово организаторите.
– Ова е концентриран избор на најдобрите од најдобрите филмови што беа прикажани на минатото издание, но и на изданијата претходно. Имаме два победника, филмови добитници на гран при на МФФ „Киненова“, првиот филм на победникот на последното издание на Берлиналето, Даг Јохан Хагеруд, еден од најактуелните и најпровокативни палестински филмови и многу други сè уште актуелни филмови за што публиката бараше репризни прикажувања, се наведува во соопштението.
Информираа дека од 18 часот вечер, во чест на големиот професионалец и креативец, македонскиот кинематографер Владимир Самоиловски, инаку лауреат на 10. издание на „Киненова“, ќе биде прикажан македонскиот филм „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи.
Од 20 часот, српскиот филм „Помеѓу боговите“ на Младен Ршумовиќ, добитник на две награди на „Киненова“, за најдобро сценарио и најдобра режија.
– Автентична приказна заснована на траумите од големите бегалски бранови, што поминуваат низ балканската рута, а каде во случајов попатна станица е Белград. Што сè може да се случи на една жена која попатно го загубува својот брат? Веројатно само рефлексија на нејзината драма и траума. Ќе можат ли таа и нејзиното најтесно семејство да продолжат по патот на потрагата по основна егзистенција или административниот лавиринт во Белград ќе ги зграпчи и ќе им ја долови заробеноста на еден западен општествен систем каков што е српскиот, каде човечките души се извршители на суровиот систем? Филм-ремек дело, направен во манир на најдобрите филмови од иранската школа. Ќе видите филм каде авганистански, ирански и балкански актери играат во манир на Иранската актерска школа. Меѓу главните улоги е и Никола Ристановски, кој совршено се изразува на Фарси. Уникатен филм по многу нешта, додадоа организаторите.