Роџер е најновиот член на тимот на ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија. Станува збор за 2,5-годишен „чоколаден“ лабрадор кој неодамна е вдомен и кој за исклучително кратко време се прилагоди на персоналот и пациентите, станувајќи омилен четириножен „колега“ на сите.
Вдомувањето на Роџер е дел од имплементацијата на Animal Assisted Activities (AAA) – активности поддржани од животни, кои претставуваат структурирани, но неформализирани активности со цел обезбедување емоционална поддршка, чувство на смиреност, поттикнување социјална интеракција и подобрување на психосоцијалната благосостојба на пациентите.
Според директорката на Клиниката, проф. д-р Славица Арсова, присуството на куче во терапискиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за вклучување во терапијата.
„Активностите на Роџер вклучуваат средби со пациенти, индивидуално или во групи, секогаш под стручен надзор и со претходна согласност од пациентите. Со овој чекор сакаме и да го поттикнеме вдомувањето кучиња како хуман и одговорен начин да им се даде втора шанса на напуштените животни и да се намали бројот на бездомни кучиња“, вели проф. д-р Арсова.
За Роџер е обезбедена соодветна куќичка и бокс пред влезот на клиниката. Тој е под редовна ветеринарна контрола, со уреден здравствен и вакцинален статус, а за него секојдневно се грижи персоналот, при што и пациентите, со согласност и под надзор, постепено се вклучуваат во грижата.
Неговите активности започнуваат од 8 часот наутро во дневната болница. Роџер нема контакт со простории каде што има храна или лекови, а неколкупати дневно оди на подолги прошетки со вработени или со пациенти – доброволци од дневната болница.
Лабрадорите се една од најчесто користените раси во активности поддржани од животни поради нивниот карактер. „Тие се познати по смиреност, трпеливост и предвидливо однесување, имаат висока емпатија и социјална интелигенција и интуитивно реагираат на човечки емоции како тага, страв или анксиозност“, додава директорката.
Дополнително, лабрадорите лесно учат, добро следат команди и имаат висока толеранција на физички контакт, што ги прави идеални за тераписка средина. Сите овие карактеристики ги има и Роџер, кој веќе внесе многу позитивна енергија во секојдневието на Клиниката за психијатрија.
