Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа останува во притвор, откако Основниот кривичен суд Скопје му ја продолжи мерката за обезбедување присуство за нови 30 дена.
Првично определениот едномесечен притвор истекуваше деновиве, а од Кривичниот суд утрово потврдија дека мерката е продолжена по предлог на обвинителството.
Стафа беше уапсен на 13 декември минатата година во рамки на истрага што ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Тој е осомничен за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание.
Според наводите на обвинителството, во периодот од октомври до 13 декември, Стафа примил вкупно 50.000 евра со цел да посредува и да влијае кај судија од Апелацискиот суд Скопје во врска со судски предмет на негов клиент. Намерата била преку паричен надомест да се влијае врз службено дејствие кое не смеело да биде преземено.
По примањето на парите, Стафа бил лишен од слобода, а кај него биле пронајдени и одземени паричните средства.
Според информациите од истрагата, станува збор за предмет во кој осомничен е Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот, во рамки на случајот „Синџир“. Стафа е негов бранител и претходно поднел барање за замена на мерката притвор со куќен притвор во отсуство на Пецов, при што била понудена и гаранција.
