Најмалку 34 лица загинаа, а повеќе стотини останаа заробени во поплавите во планискиот северен дел на Индија, соопштија денеска индиските власти.
Дваесет и тројца работници во хидроелектрана во индиската држава Утарканд загинаа, кога голема количина вода продре во централата, изјави министерот за природни непогоди Јашфал Арија.
Тој нагласи дека уште тројца пожарникари загинале во борбата со непогодите во едно село во државата Утарканд, која се наоѓа на Хималаите.
Во дистриктот Утаркаши, кој е популарно место за собирање на хиндуистичките свештеници, околу 700 верници кои се наоѓале во посета на светите места се заробени од поплавите.
Тие останале заробени бидејќи се поплавени патиштата, кои околу 80 села во Утаркаши ги поврзуваат со останатиот дел од Утарканд, појасни Арија и додаде дека на местото се испратени спасувачки тимови.