Вкупно 128 новинари и медиумски работници, вклучувајќи 10 жени, беа убиени во 2025 година, соопшти Меѓународната федерација на новинари (МФЈ) во својот последен извештај за смртните случаи, додавајќи дека регионот на Блискиот Исток е подрачјето со најмногу убиени новинари.
Според МФЈ, 533 новинари моментално се наоѓаат во затвори низ целиот свет. На листата се вклучени и девет смртни случаи што МФЈ ги опишува како „несреќни“.
Во соопштението на својата официјална веб-страница, федерацијата оцени дека ова е уште една исклучително смртоносна година за новинарството, посочувајќи на континуираниот неуспех на властите ширум светот да ги заштитат медиумските работници и повика на итни и решителни мерки за прекинување на циклусот на насилство и неказнивост во 2026 година.
