Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски изврши увид во продолжувањето на градежните активности на улицата „Љубљанска“, со што по долг период на застој, повторно се активира проектот за ставање во функција на мостот во општина Карпош. Со ова се прави значаен чекор кон решавање на еден од долгогодишните инфраструктурни предизвици и воспоставување клучна сообраќајна врска од интерес за целото Скопје, соопштија денеска од кабинетот на градоначалникот.
– Конечно, по долг период на застој, продолжува изградбата на улицата „Љубљанска“, со што ќе се пушти во употреба мостот во Карпош. Довербата што ја добив од граѓаните е обврска да се решаваат проблемите кои со години беа наталожени. Денес, со задоволство можам да информирам дека продолжува реализацијата на проектот за поврзување на улицата „Љубљанска“ со „Скупи“, со што овој важен мост на реката Вардар конечно ќе биде ставен во функција на граѓаните, напиша градоначалникот на „Фејсбук“.
Тој појасни дека проектот бил стопиран поради неопходноста од обезбедување мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар за заштита на локалитетот „Скупи“, согласно законската регулатива.
– Со сериозна работа, силна волја и одговорен пристап, потребната дозвола е обезбедена, културното наследство е заштитено, а градежните активности ќе продолжат со засилен интензитет по завршувањето на конзерваторските зафати. Со комплетирањето на делот од мостот до улицата „Скупи“, ќе се воспостави клучна сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на Скопје. Тоа ќе значи подобар пристап до Злокуќани, Бардовци и Индустриската зона, значително растоварување на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“, како и побрз и побезбеден излез кон обиколницата, додаде Ѓорѓиевски.
Градоначалникот истакна дека со проектот се предвидува отворање нова современа сообраќајна оска, како и функционално и безбедно решение за влезот во селото преку кружен тек или адаптивна семафоризација, согласно потребите на сообраќајот.
– Нашата цел е намалување на сообраќајниот метеж, целосна заштита на културното наследство кај локалитетот „Скупи“ и обезбедување безбеден и ефикасен проток за возила и пешаци. Унапредувањето на патната и сообраќајната инфраструктура е еден од нашите врвни приоритети, затоа што директно значи подобар квалитет на живот за сите. Скопјани заслужуваат функционален, поврзан и модерен град, потенцираше Ѓорѓиевски.
