Густа магла вечерва го парализираше сообраќајот на повеќе патни правци, а сообраќајна несреќа се случи на автопатот во близина на патарината Петровец.
Според првичните информации, во несреќата нема повредени лица, но на возилата е причинета материјална штета. Поради увид на местото на настанот, една сообраќајна лента е затворена од страна на полицијата, што предизвика застој и забавено движење на возилата. Од спротивната страна се забележуваат неколку паркирани автомобили.
Од Центарот за управување со кризи кратко информираат дека станува збор за судар меѓу два автомобила и дека екипи на СВР Скопје вршат увид, поради што сообраќајот се одвива отежнато.
Од АМСМ апелираат до возачите да бидат исклучително внимателни, бидејќи маглата е густа, а видливоста значително намалена. Во меѓувреме, Скопскиот аеродром речиси е нефункционален – дел од летовите се одложени, а дел се пренасочени поради лошите временски услови.
