Нелогични и непостоечки трансакции, сомнтелни манипулации со дневен промет – сериозни сомнежи за работењето на Државна лотарија

Од:

Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил сериозни неправилности, незаконско работење и сомнеж за злоупотреба на јавни средства во АД Државна лотарија за 2024 година. Поради обемот и тежината на наодите, ревизорите се воздржале од изразување мислење за финансиските извештаи и дале неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива.

Според ревизорскиот извештај, во работењето се евидентирани нелогични и непостоечки трансакции, сметководствени записи без соодветна документација или поткрепени со неверодостојни документи, како и незаконско управување со благајната и платежните сметки, што отвора сериозен сомнеж за злоупотреба на парични средства.

Ревизорите утврдиле дека во 2024 година на 10 сопствени продажни места бил остварен дневен пазар од над 46 милиони денари, кој не бил редовно уплатуван на платежните сметки, спротивно на законските обврски. Во текот на целата година биле извршени само две уплати, при што било констатирано дека тие не потекнуваат од остварениот дневен пазар, туку од префрлање средства меѓу сметки.

Како една од клучните слабости се посочува отсуството на благајнички дневник, неуспоставени внатрешни контроли и концентрација на надлежности кај едно лице – директорот на Секторот за финансии и сметководство, кој истовремено вршел прием, ракување и евидентирање на готови пари. Дополнително, во друштвото не функционирала внатрешна ревизија.

Ревизијата открила и директна исплата на аванси за мали добивки во износ од речиси 14 милиони денари на околу 320 деловни соработници, без користење на пропишаниот начин на исплата. За најголем дел од овие трансакции не постои уредна документација, а дел од вработените изјавиле дека наведените средства воопшто не биле примени или биле вратени, што дополнително ги засилува сомнежите за злоупотреби.

Преку анализа на трговските книги и онлајн-системите, ревизорите утврдиле нереални и неоправдани сметководствени записи за нелогични трансакции во вкупен износ од 122,4 милиони денари, односно речиси 2 милиони евра.

Сериозни отстапувања се констатирани и кај инстант лотаријата, каде евидентираниот фонд на неисплатени добивки е за над 63 милиони денари помал од реалниот, што ја доведува во прашање можноста за идни исплати и го загрозува интегритетот на Државна лотарија. Дополнително, утврдени се неправилности при набавка и евидентирање на добивки во предмети, со неевидентирани трошоци од над 35 милиони денари.

ДЗР алармира и за енормен раст на трошоците за реклама, промоција и маркетинг, кои во 2024 година надминале 220 милиони денари и се десетпати повисоки во споредба со 2020 година. Дел од овие трошоци се оценети како неоправдани поради недостиг на документација и отчетност, а изразен е и сомнеж за настани и маркетинг услуги кои не можеле целосно да се потврдат.

Неправилности се утврдени и во јавните набавки, каде повеќе од половина постапки биле спроведени со само една понуда, рамковни спогодби со еден оператор и неделиви набавки, што укажува на недостаток на конкуренција и можност за заобиколување на законот.

Дополнително, ревизијата покажала дека биле склучени договори за дело со 195 лица, од кои 75 воопшто не извршувале работни задачи, а за нив биле исплатени речиси 15 милиони денари. Утврдени се и неправилности кај службени патувања, репрезентација, одржување на возила и закуп на деловни простории, вклучително и плаќање закуп и реновирање на објекти кои не биле користени.

Од Државниот завод за ревизија информираат дека за сите утврдени неправилности се дадени конкретни препораки, а за сомнежите за незаконско работење и злоупотреба на средства се известени надлежните органи за понатамошно постапување.

Би можело да ве интересира

Агенција за филм: Извештајот на ДЗР се однесува до крајот на 2024, голем дел од проблемите се надминати

Аква паркот затворен без гаранција за реквизитите, салата „Борис Трајковски“ со години работела со загуби

Катерина Ѓуровски

Ревизорите откриле многу слабости во контролите во Фондот за здравствено осигурување

Горан Наумовски

ДЗР: Откриени нерегуларности и системски слабости во финансиски извештаи на Комисија за хартии од вредност

Регионален развој без резултати, јавните инвестиции блокирани во локалните приоритети

Катерина Ѓуровски

Клиниката за хематологија не ги евидентирала лековите за ретки болести, покажува извештајот на ревизорите

Катерина Ѓуровски