Македонскиот министер за култура и туризам, Зоран Љутков денеска во името на нашата држава прими во Нови Сад пехар за благодарност доделен на држава партнер на Меѓународниот саем за туризам што се одржува во Нови Сад.
Тој притоа изрази искрена благодарност за довербата дадена на државава да биде земја партнер на Саемот за туризам во Нови Сад.
Педесет и шестиот Меѓународен саем за туризам се одржува од 27 до 29 ноември, на 6.000 метри квадратни изложбен простор на Новосадскиот саем каде се претставуваат 250 учесници од 10 држави.
– Ова признание е силна потврда за нашето долгогодишно пријателство, за заедничката визија и за потенцијалот што го имаме како регион што се стреми кон одржлив развој и просперитет. Искрена благодарност до организаторите на саемот, до Туристичката организација на Град Нови Сад и Марија Лабовиќ, за соработката, поддршката и визијата со која го подигнувате значењето на туристичкиот сектор во регионот, нагласи министерот Љутков.
Туризмот, како што кажа, е сектор што се гради врз доверба, размена и соработка и токму ваквите настани создаваат платформа за нови идеи и силни партнерства.
Тој упати благодарност до министрите и претставниците на туристичките субјекти од сите земји учеснички, за нивниот придонес, присуство и за отвореноста кон заеднички иницијативи што го подобруваат регионалниот туристички екосистем.
– Посебно признание сакам да им упатам на македонската туристичка индустрија, на туристичките субјекти, компании, водичи, угостители, локални заедници и институции кои неуморно работат за развојот на македонскиот туризам. Вашата посветеност, вложување и иновации значат многу. Тие ја зацврстуваат конкурентноста на нашиот туристички производ и ги отвораат вратите за нови можности и партнерства. На сите присутни им посакувам успешни бизнис-средби, плодни преговори и успешно вмрежување, рече министерот.
Министерот Љутков упати покана за посета на сите присутни на Македонија.
– Доживејте ја нашата традиција, гостопримство, културна разноликост и природна убавина. Уверете се зошто нашата земја станува се попосакувана туристичка дестинација на Балканот. Република Србија и Република Северна Македонија се пријателски земји кои заедно ја развиваат туристичката дипломатија, ја продлабочуваат регионалната соработка и создаваат иницијативи од заеднички интерес. Нашата заедничка цел е развој на комплементарен туристички производ што ќе го позиционира регионот како силна и атрактивна туристичка зона, рече министерот.
