Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес во Битола ја отвори четвртата серија од генеричките обуки за административните службеници за 2025 година, овој пат наменети за институциите од Пелагонискиот регион.
Настанот се одржа во Офицерскиот дом во Битола, каде Министерството ја продолжи својата стратегиска агенда за создавање современа, професионална и европска јавна администрација.
Министерството за јавна администрација го заокружува годишниот процес на генерички обуки, преку кој во 2025 година беа опфатени над илјада јавни службеници од Скопскиот, Полошкиот, Источниот и Пелагонискиот регион.
Во 2026 година, како што најави министерот Минчев, обуките ќе продолжат со уште поголем интензитет, континуитет и систематичност.
Министерот истакна дека јавната администрација е „темелот и крвотокот на државата“ и дека нејзината професионализација претставува еден од најважните приоритети на Владата.
„Кога службеникот ќе постапи чесно, љубезно и професионално, граѓанинот не гледа политичка партија, туку држава. Овие обуки не се само дел од реформа, тие се дел од новата култура на јавна служба, култура на отчетност, стручност и достоинство“ нагласи Минчев.
