На денешното рочиште за случајот „Онкологија 2“ вработени на Клиниката за онкологија сведочеа за начинот на набавка и чување на терапијата, како и за обидите за кражба на лекови.
Медицинска сестра од дневна болница, појасни дека таму се наоѓаат цитостатска терапија и потрошен материјал, но, како што рече, специјалните лекови се чуваат исклучиво во клиничката аптека. Таа додаде дека секоја терапија се бара индивидуално за секој пациент со име, презиме и број на досие.
Во врска со кражбите од 2020 година, изјави дека нејзина колешка имала два обиди за крадење терапија. Првиот бил спречен и пријавен, а вториот завршил со интервенција на полицијата и пронајдени ампули во автомобил.
– Јас и моја колешка пријавивме кај директорот и тогашната главна, каде што дојде МВР, беа вратени видео записи и беа најдени ампули во нејзиниот автомобил, рече таа, дополнувајќи дека по вториот обид дисциплинската постапка завршила со отказ.
Сведокот сведочеше и за тоа дека при направен попис во 2021 година во декември увиделе дека има недостиг од 90 ампули кои ги пријавиле на главната сестра.
Вториот сведок, медицинска сестра со 25 години стаж, објасни дека терапијата од 2018 до 2023 се барала врз основа на температурни листи со податоци за пациентот и одлука на докторот.
– Откако ќе се требува, се зема од аптека лекот и се аплицира во согласност со моменталната состојба на пациентот, рече таа.
Дополни дека некои лекови се чувале во фрижидер, а други во шкаф, зависно од нивната природа, а имунотерапијата понекогаш се задржувала ако пациентот не бил во добра состојба.
-Се случувало да се чува кога се отстапувало ако во моментот не му е добро на пациентот, тука одредува докторот дали веднаш ќе се аплицира или подоцна, рече таа.
Трет сведок, медицински техничар вработен од 2009 година, сведочеше за времето на директорот д-р Васев. Тој рече „пуштавме преку компјутер требуваање со негов потпис“.
Според него, секогаш кога имало терапија, директорот ја одобрувал, а во случаи кога недостасувал лек, пациентите сами го набавувале приватно и им бил аплициран на клиниката.
Претходно денеска сведочеше пациентка која примала хемотерапија и имунотерапија, опишувајќи како една од терапиите ѝ била дадена надвор од стандардната процедура и без да биде евидентирана во регистарот.
Според одбраната, вакво нешто не се случило и побара од Јавното обвинителство да се ограничи на предметот – наводниот финансиски криминал, а не на начинот на лекување.
Судењето за „Онкологија 2“ денеска започна одново поради промена на поротник. Обвинети се поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, и економскиот директор Нехад Нухи.
Според обвинението, во периодот 2018–2022 тие незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра.
Двајцата ја негираат вината и тврдат дека обвинението е политички монтирано.
Покрај „Онкологија 2“, против Васев и уште двајца лекари се води и процесот „Онкологија 1“ за несовесно лекување пациенти.
Судењето продолжува на 28 ноември.
