Фудбалската репрезентација вечерва против Велс во Кардиф го игра последниот натпревар од квалификациите за СП 2026. На Македонија ѝ е потребен барем нерешен резултат против Велс за да го задржи второто место во групата, што би ѝ донело пласман во баражот за Светското првенсво преку квалификациската група и релативно полесен ривал во плејофот.
Оптимизам најави и селекторот Благоја Милевски, нагласувајќи дека фокусот и психологијата ќе бидат клучни.
„Подготвени сме за предизвикот. Нѐ очекува решавачки меч, но мојата порака до играчите е да уживаат во натпреварот. Велс е квалитетна селекција, имаат одличен селектор, но и двете селекции се речиси истите како и на првиот дуел во Скопје. Верувам дека ќе одговориме и дека ќе ги исполниме нашите цели“, рече Милевски.
Капитенот Енис Барди вели дека играчите се подготвени да уживаат во утрешниот клучен дуел и да ја претстават Македонија на најдобар можен начин.
„Секогаш велам дека треба да уживаме, пред сѐ затоа што имаме можност да ја претставуваме Македонија, а потоа и бидејќи знаеме дека ќе ја имаме поддршката од целата држава. Можеби на стадионот во Кардиф ќе имаме многу помалку фанови, но знаеме дека во мислите цела Македонија ќе биде со нас. Нѐ очекува тежок натпревар, но знаеме како да одговориме на предизвикот“, изјави Барди.
Македонија, благодарение на резултатите во Лигата на нации (пласманот меѓу најдобрите второпласирани во својата лига), веќе има обезбедено место во плејофот за Светското првенство 2026, независно од тоа како ќе завршат квалификациите.
Резултатот во квалификациите само го одредува дали ќе биде подобро позиционирана и каков противник ќе го добие во баражот.
