Во повторената судска постапка за случајот со мајката Невена Спасеска, се повторува и обидот Центарот за социјална работа во Охрид да се наметне како главен да даде мислење за старателството, иако насоките и на Министерството за социјална политика демографија и млади како и на Врховниот суд се сосема јасни-надлежен е Центарот за социјална работа во Скопје.
Токму таквата упорност да даде мислење дека старателството треба да се даде на таткото го чинеше кривична пријава претходниот директор на Центарот во Охрид, Игор Еленчевски. Тој се спротивстави на мислењето на надлежното министерство по што од таму поведоа кривична постапка против него во февруари годинава за која се чека епилогот.
„Предметот е во Основното јавно обвинителство Охрид кое презема дејствија и ги испитува наводите. Пробавени се податоци од Министерството за труд и социјална политика, а се врши увид и во судски предмет. По преземање на сите дејствија ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“, иинформираа од Обвинителството за А1он.
Министерството за социјална политика демографија и млади, тогаш, како надлежен орган по извршен инспекциски надзор утврди дека ВД директорот на Центарот за социјална работа во Охрид, Еленчевски, иако му било укажано дека надлежен орган за давање мислење за доверување на детето е Центарот за социјална работа во Скопје, тој сепак преземал активности и процесни дејствија со доставување и потврдување на мислењето до судот во Охрид.
Нејасно е дали сегашниот директор на Центарот во Охрид, Славчо Ристески ќе ги следи стапките на Еленчески или пак насоките на Врховниот суд и Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Во пресудата со која го врати предметот на повторно судење од Врховниот суд наведоа дека при утврдување на „најдобрите интереси“ битно е да се цени дали детето се прилагодило на средината каде живее во Скопје и како промената на средината би влијаела на детето со оглед дека се работи за дете од четири години.
Врховниот суд укажа и дека според известувањето од 31.10.2024 година од Министерството за социјална работа, демографија и млади неспорно се наведува дека Центарот за социјална работа во Скопје е надлежен да постапува по предметот. Понатаму Врховниот суд наведува:
„Овој суд е на мислење дека во услови кога Министерството ………………. се произнело по однос на тоа кој центар за социјални работи е месно надлежен да даде мислење за доверување и чување на детето, судовите треба да го имаат истото во предвид, а со оглед дека се работи за надлежен орган кој спороведува контрола и инспекциски надзор над работењето на Центрите …………… на ниво на целата држава“
По оцена на Врховниот суд пониските судови во пресудите кои беа укинати, не ги утврдиле со сигурност најдобрите интереси на детето и не ги утврдиле со сигурност сите релевантни факти и околности по однос на тоа кој е најдобриот интерес на малолетното дете и на кој од родителите треба да се даде на чување, воспитување и издржување.
