Со сослушување на сведоци во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Онкологија 2“, во кој се обвинети поранешниот медицински директор Нино Васев и економскиот директор Нехад Нухи. Случајот е во доказна постапка, а обвинението го застапува јавната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска.
На рочиштето беа сослушани тројца сведоци, доктор Ненад Митревски, членката на управниот одбор Биљана Гроздановска и Гоце Кузев, чиј татко се лекувал на Клиниката за Онкологија.
Одговарајќи на прашања на обвинителката, доктор Митревски, онколог на Клиниката, сведочеше за пациент кој примал хемотерапија во комбинација со биолошка терапија. Тој нагласи дека стандардната доза на лекот бевацизумаб за таа индикација е 400 мг на три недели. Кога му беше предочен документ со препишана доза од 1600 мг, тој одговори дека тоа е превисока доза за таа индикација.
Митревски негираше дека ја препишал таа доза, ниту дека бил известен за прешкртан препис во извештајот. Иако рече дека повисоки дози се индицирани за други случаи, за конкретниот пациент изјави дека не требало да ја прими таа количина.
По увид во материјалниот доказ, одбраната констатираше дека дополнението во извештајот се однесува на препорака, а не дека е дадена таква доза.
Биљана Гроздановска, член на Управниот одбор на Клиниката, во сведочењето зборуваше за начинот на носење одлуки бо Управниот одбор. Таа објасни дека одлуките за набавка биле условени со претходна согласност од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.
-Управен одбор за различните прашања кои беа од областа на сметководството и финансиите и право, задолжително повикуваше економист на седниците, правник беше присутен, на секоја седница на управниот одбор, а беа повикува и и директорите во зависност од дневниот ред да дадат образложение, образложи Гроздановска.
Таа потврди дека се случувало да бидат свиткани на итна седница, за која била доставувана документаџија, но, како што рече, не секогаш во рамките на предвидениот рок од три дена пред седница и не секогаш во целост. Изјави дека не се сеќава дали биле презентирани ревизорски извештаи или дали управниот одбор бил информиран за пречекорување на буџетот. Во однос на терапијата на реверс, рече дека никогаш не била тема на седница, иако, како што рече, Васев во неколку наврати споменал дека нема намера да зема терапија на реверс.
– Се бараше ребаланс секогаш и директорите нѐ известуваат дека очекуваат прилив на средства со ребаланс на буџетот, рече Гроздановска.
Гоце Кузев сведочеше како син на пациент кој се лекувал на Онкологија. Тој изјави изјави дека терапијата за неговиот татко никогаш не била навремено достапна.
-Бидејќи никогаш ја немаше добиено навремено, бевме загрижени и молевме по луѓе, тие наши пријатели се јавуваа кај тогашниот директор и потоа ни беше давана. Мислам дека сестрата се викаше Цаци и ја даваше на вториот спрат каде што беше неговиот кабинет. Ја даваше некогаш од клиничка аптека некогаш ја повикуваше сестрата и ѝ ја даваше тој од канцеларијата негова па се симнувавме доле да ја аплицираме, рече сведокот.
Кривичниот суд во јуни годинава го одобри обвинението против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехад Нухи, за злоупотреби, измама и проневера во службата од 2018 до 2022 година. Според обвинението, тие незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле буџетот за речиси 36 милиони евра.
Обвинетите Васев и Нухи, од друга страна, на почетокот негираа вина за делата кои им се ставаат на товар. Одбраната тврди дека обвинението против нив е неосновано и политички монтирано врз основа на економско вештачење од лица кои се исто инкриминирани, наведувајќи дека станува збор за претходниот медицински и економски директор на Клиниката кои биле сменети од Васев.
Покрај ова, против Васев и уште двајца лекари онколози се води уште еден случај – Онкологија 1 за несовесно лекување пациенти.
