Отворен Меѓународен симпозиум за византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан Први“

Од:

Околу 40 професори и научници од 16 земји учествуваат на 13. Меѓународен симпозиум за византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан Први“ кој од денеска до 2 ноември се одржува во Скопје, во организација на Институтот за национална историја при УКИМ и Универзитетот во Болоња, во партнерство со Православниот богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“.

Симпозиумот, годинава на тема „Мрежи“, е посветен на императорот Јустинијан Први и има цел да опфати широк спектар на истражувачки прашања во функција на реконструирање на културното и историското наследство, како интегративна компонента на различностите и заедништвото на обединета Европа. На шесте сесии во текот на двата работни дена од научниот собир ќе бидат презентирани најновите истражувања за различни аспекти на византолошките и средновековните студии.

На отворањето на симпозиумот, министерот за култура и туризам Зоран Љутков истакна дека наследството на Јустинијан „останува живо сведоштво дека човековото творештво може да го надмине заборавот на вековите“.

Во контекст на годинашната тема, Љутков истакна дека Јустинијан е „пример на бесмртност преку поврзување“.

-Преку своето наследство, Јустинијан обедини култури, јазици и традиции, оставајќи визионерско царство на духот што продолжува да ги инспирира и да ги поврзува народите низ вековите. „Деновите на Јустинијан“ не се само потсетник на едно славно минато. Тие се повик кон сите нас да го продолжиме она што тој го започна: да градиме мостови меѓу културите, традициите, културното наследство и времињата. Особено денес, кога преку византиското наследство и културата градиме академски и културен мост меѓу Македонија и Италија, како и со многу други земји што се дел од овој симпозиум, рече министерот.

„Деновите на Јустинијан I“ се поддржани и од Амбасадата на Италија во земјава, со што е поттикната академската соработка со Универзитетот во Болоња. Актуелниот амбасадор на Италија, Паоло Палминтери, на отворањето рече дека е горд што Амбасадата и италијанската академска заедница учествуваат во оваа иницијатива уште од самиот почеток, нагласувајќи дека „Деновите на Јустинијан Први“ станале важен годишен форум за дијалог и истражување.

-Годинашната тема „Мрежи“ потсетува на врските што некогаш ги поврзуваа Константинопол, Солун и поширокиот византиски свет. Овие мрежи беа интелектуални, духовни и длабоко човечки, а не политички и економски. Сепак, длабоката културна димензија помогна во одржувањето на кохезијата низ огромните територии и меѓу различните народи на Империјата. Несомнено, делото на Јустинијан беше фундаментален дел од овој процес. И ние денес живееме во мрежи – на знаење, соработка, културна размена што ги поврзуваат европските општества. Во оваа смисла, искуството на Јустинијан и Византија претставува моќна парадигма за Европа што ја градиме: заедница каде што споделените вредности и заедничките принципи се основа за инспиративен дијалог што води кон меѓусебно културно збогатување, истакна амбасадорот.

Порача дека минатото треба да се проучува „за да ја разбереме сегашноста и да ја протолкуваме нашата современа реалност“.

-Сепак, мора да гледаме и кон иднината. Не можам да замислам друга иднина освен политичкото обединување на европското семејство, со пристапувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ, особено Северна Македонија, која чека долго време. Нашето заедничко културно наследство треба да нè води кон обединета Европа, додаде Палминтери.

Би можело да ве интересира

Љутков најави изработка на проект за обнова и реставрација на спомен куќата на Владо Малески

А1он

Љутков: За 10 проценти е зголемен бројот на туристи во седумте месеци годинава, а за 5,5 проценти се поголеми ноќевањата

А1он

Новата Универзална сала ќе располага со капацитет од 1.200 седишта

Горан Наумовски

Љутков изврши увид во реализацијата тековните и планираните проекти во Дојран и Гевгелија

А1он

Љутков: Спомен куќите во Велес се во добра кондиција, правиме напори да ги ставиме во функција за посетителите

А1он

Љутков: Отворањето на Универзална сала треба да биде до крајот на 2027, за изградбата обезбедени 20 милиони евра

А1он