Кога станува збор за економски и стратешки важни теми, неопходно е да се слушаат луѓето кои целиот свој живот го посветиле на проучување на оваа индустрија, порачува аналитичарот и металуршки инженер Виктор Грозданов, осврнувајќи се на рударството во земјава. Во неговаата колумна „Наука наместо стравови“, тој пишува дека последниве години, околу прашањето на отворање рудници во Македонија, се создала атмосфера на страв и недоверба.
Според Грозданов, се шират алармантни пораки, често без реална основа, кои кај граѓаните предизвикуваат чувство дека рударството е синоним за уништување на животната средина и земјоделието, а ова се случило бидејќи во јавноста ретко кога можел да се чуе гласот на науката. Односно, треба за состојбата да говорат професори, инженери, експерти – а не актери, музичари и слични јавни личности кои се водат повеќе од емоции отколку од факти. Оттаму, Грозданов во колумната пренесе дел од интервјуто за Канал 5 на проф. д-р Горан Начевски, раководител на Институтот за екстрактивна металургија при Технолошко-металуршки факултет.
-Еден од најчестите стравови е прашањето: „Дали е нормално луѓето да се плашат дека нема да има земјоделство ако рудникот е отворен?“ Одговорот на професорот е јасен: „Имаме такви нови методи и за екстракција и за преработка на руда кои се модерни и еколошки. Ова значи дека можеме да имаме истовремено производство и да нема загадување, ако е целосно контролирано.“, пишува Грозданов.
Тој додава дека рударството не е бауч од народните приказни, туку современа индустрија која, ако се почитуваат сите стандарди и критериуми, може да функционира без да ја загрози животната средина.
-Другиот голем мит е дека отворени копови неизбежно ја уништуваат околината. Но, вистината е поинаква: „Рудници се отворени и во Европа. Има 25.000 оперативни рудници низ целиот свет и животната средина не е загадена. Зошто? Бидејќи постојат пропишани мерки. Секој рудник добива еко-дозвола, која дефинира различни мерки за заштита на животната средина“, вели професорот Начевски., се потенцира во колумната на Грозданов.
Аналитичарот смета дека е крајно време да се направи разлика помеѓу јавен перформанс и стручна анализа, а за иднината на нашата економија, земјоделство и индустрија мора да им веруваме на оние кои знаат, а не на оние кои зборуваат најгласно.