„Се случи уште еден фемицид во Велес поради непостапување на институциите. Kако партија која ги донесе законските измени со кои фемицидот за првпат е препознаен како посебно кривично дело, СДСМ остро реагира на фактот дека и покрај јасните законски одредби, власта не успеа да ја исполни својата најважна задача, да заштити човечки живот. Законот не е украс на хартија. Тој е правна и институционална обврска. Ако институциите на власта дозволила жена да биде убиена, иако со месеци пријавувала, тоа значи кривична и политичка одговорност“ рече денеска на прес-конференција потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.
„СДСМ бара оставка од Панче Тошковски и кривична одговорност за секој службеник кој со своето непостапување придонел за да се случи ова злосторство. Бараме итна и независна истрага за институционалните пропусти. Не смее да има полициски службеници или кој било друг вклучен во системот на заштита кој ќе се скрие зад бирократски оправдувања. Секој кој не постапил, а имал должност и обврска, мора да сноси последици согласно законот. Целосна и доследна примена на Националната стратегија за превенција, со обврзувачки протоколи и механизми на одговорност мора да има“ рече таа.
Според Костова, „зголемување на случаите со фемицид во изминатите 15 месеци е особено загрижувачки. Особено тешко затоа што се случува во време кога владејачкото мнозинство предводено од ДПМНЕ не само што не гради институционални механизми за заштита, туку напротив ги брише. Со последните законски измени, тие ја избришаа категоријата „родово базирано насилство“ од формуларите за пријави на булинг, со што испраќаат порака дека ваквото насилство не постои. Тоа е директно охрабрување на насилниците уште од најрана возраст“.
„Животот на секоја жена мора да биде заштитен од страна на државата и институциите. Држава што не ги штити жените, е држава што ги остава на милост и немилост на насилниците. Тоа мора да престане веднаш. И во еден ваков контекст, уште потешко е да се гледа како луѓе блиски до власта си дозволуваат да навредуваат и понижуваат жени“ вели Костова.