Истрагата за убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк и мотивите на осомничениот напаѓач Тајлер Робинсон останува во полн ек. Робинсон е во притвор и се очекува да биде официјално обвинет следната недела, додека американските истражители продолжуваат да собираат докази за неговите врски и околностите на атентатот.
Репортерката на „Фокс њуз“, Брук Сингман, вчера објави во емисијата „Икс“ дека од извор дознала дека Робинсон живеел со партнер кој е во процес на транзиција од машко во женско и дека ова лице целосно соработува со ФБИ. Токму текстуалните пораки и другите комуникации меѓу нив им помогнаа на властите да потврдат дека Робинсон бил напаѓачот.
Гувернерот на Јута, Спенсер Кокс, денес потврди дека убиецот бил во романтична врска со „момче кое е во процес на транзиција од машко во женско“. Истражителите сега проверуваат дали таа врска била фактор во атентатот.
„Да. Можам да го потврдам тоа. Знам дека информациите се објавени и потврдени од ФБИ – дека цимерот бил романтичен партнер, маж кој се трансформирал во женско“, рече Кокс во интервју за емисијата „Состојба на Унијата“ на Си-Ен-Ен. Кокс додаде дека цимерот бил „исклучително соработлив, немал поим што се случува и моментално соработува со истражителите“.