Војводата од Сасекс, принцот Хари, донираше 500.000 долари за проекти што им помагаат на децата повредени во војните во Газа и Украина.
Парите ќе бидат насочени преку хуманитарната фондација Арчевел, која Хари ја води заедно со неговата сопруга Меган Маркл. Донацијата вклучува поддршка за Светската здравствена организација (СЗО) за медицински евакуации од Газа, развој на протези за тешко повредени деца и хуманитарна помош што ја спроведува „Спасете ги децата“.
Објавата за донацијата се совпадна со посетата на Хари на Истражувачкиот центар за повреди од експлозија на Империјал колеџ во Лондон. За време на посетата, Хари се запозна со најновите истражувања во областа на ортопедијата и протетиката, вклучително и развојот на евтини помагала за деца повредени во конфликти или природни катастрофи.
„Газа сега има најголема густина на деца со ампутирани екстремитети во светот и во историјата. Ниту една организација не може сама да го реши ова. Потребни се партнерства меѓу владите, науката, медицината и хуманитарните организации за децата да преживеат и да имаат шанса да се опорават“, рече Хари.
Фондацијата Арчевел одобри три значајни грантови: 200.000 долари за СЗО за евакуација на деца од Газа во Јордан, 150.000 долари за „Спасете ги децата“ за обезбедување хуманитарна помош во Газа и 150.000 долари за Истражувачкиот центар за повреди од експлозија во Лондон за развој на протези за деца повредени во Газа и Украина.
За време на посетата, Хари се сретна и со генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, и разговараше со тимови истражувачи и претставници на организациите „Спасете ги децата“ и СЗО.