Студенти и граѓани се собраа денес пред зградата на Владата на Србија во Белград, од каде што ќе ја продолжат својата прошетка низ градот како дел од протестот „Индексот е појак од пендрекот“.
Студентите се распоредија на раскрсницата Немањина и Кнез Милош, а сообраќајот е запрен во присуство на сообраќајна полиција, јавува репортер на ФоНет.
Толпата прави бучава со свирчиња и труби.
Како што претходно најавија студентите, тие ќе пешачат од Владата до Палатата на правдата, зградата на Единицата за обезбедување на лица и објекти, како и до Секторот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи.
„Сè запира во понеделник. Понеделник не смее да биде само уште еден работен ден. Се гледаме на улица“, наведоа студентите во својот повик за протестот.
Студентите објавија илустрација од планот на протестот на Инстаграм, на која првата точка е Владата на Србија, потоа Палатата на правдата, зградата на Единицата за обезбедување на лица и објекти и на крај Секторот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи.