(ИНТЕРВЈУ) Тоневски: Време е да го потсетиме Пробиштип за неговиот потенцијал

Од:

Пробиштип е мала, но динамична општина која се соочува со големи предизвици – од економска зависност и ограничени буџетски ресурси, до иселувањето на младите и потребата од нови инвестиции. Кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Тоневски, има долгогодишно искуство во јавната сфера како директор на „Булмак 2016“ и како градоначалник кој раководеше со општината два мандати. Во ова интервју тој зборува за својата визија за иднината на Пробиштип, за плановите за отворање нови индустриски зони и привлекување инвеститори, како и за решавањето на проблеми кои со години го оптоваруваат градот, како јаловишната депонија и недоволната патна поврзаност. Посебен акцент тој става на младите – на мерките за нивно задржување, создавање услови за сопствен дом и поддршка за нивните идеи и бизниси.

Веќе имате искуство од два мандати како градоначалник на општина Пробиштип. Кои се најзначајните предизвици со кои денес се соочува општината и што сметате дека недостасува за да напредува подобро?

Тоневски: Нашиот Пробиштип е мала општина, но со големо срце. Како една од помалите општини во државата, се соочува со ограничени буџетски приходи и силна економска зависност од неколку поголеми индустриски капацитети. За да обезбедиме одржлива финансиска стабилност – и за локалната самоуправа и за граѓаните, потребно е стратешко вложување во диверзификација на економијата. Значителен предизвик е и иселувањето од Пробиштип, проблем кој речиси целосно беше запоставен во последните неколку години. За надминување на овие предизвици, потребен е сериозен и системски приод кој ќе роди одржливи резултати на долги стази.

Клучен приоритет за сузбивање на овие предизвици е создавање на нови индустриски зони и привлекување свежи инвестиции кои ќе продуцираат нови работни места, а со самото тоа и зголемена конкурентност и повисоки плати. Покрај тоа, Пробиштип располага со значителни природни ресурси и потенцијали за развој на туризмот и земјоделството. Само со вистинско менаџирање, може да ја позиционираме општината како важен центар на мапата на економските и туристичките промотори.

Силен акцент ставаме на младите и затоа во изборната програма предвидуваме посебни поволности и мерки за задржување на младите во општината. Нема да е лесно, но со отворена врата и подадена рака кон граѓаните верувам дека изгубената доверба во институциите и целокупниот систем полека ќе се врати и заедно ќе ја градиме нашата иднина, во Пробиштип, каде што е домот.

Во јавноста објавивте дека вашиот тим собира предлози од граѓаните како дел од изборната програма. Дали овој пристап е само дел од предизборната кампања или планирате да воспоставите системски механизми за постојана комуникација и вклученост на граѓаните?

Тоневски: Вклучувањето на граѓаните во креирањето на локалните политики  беше секојдневна пракса во моите два претходни мандати, а особено ме радува кога тие предлози се совпаѓаат со мојата визија за нашиот Пробиштип. Така, голем дел од остварените проекти беа поттикнати токму од средба со месните заедници, граѓански организации и жителите на Пробиштип.

Поучен од моето искуство, овојпат, одиме чекор понатаму. Доколку ја добијам довербата за нов мандат, граѓаните повторно ќе бидат главните креатори на општинските програми и проекти, а тоа ќе го обезбедиме преку различни механизми. Ќе воведеме редовни квартални состаноци по месни заедници, каде што ќе разговараме со граѓаните, ќе ги слушнеме сите предлози и критики и транспарентно ќе зборуваме за работата на општината. Паралелно, ќе биде активирана дигитална платформа за предлози и пријави, преку која секој жител ќе може да следи што се случува со неговата иницијатива, ќе биде известуван за работата на општината и други секојдневни случувања.

Доколку ја добиете довербата од гласачите, кои ќе бидат клучните приоритети и проекти што ќе ги реализирате во првите години од евентуалниот мандат?

Тоневски: Ако граѓаните ми ја дадат довербата, првите години од мандатот ќе ги посветиме на проекти што директно ќе го подобрат секојдневието во Пробиштип. Прво ќе почнеме со подготовка на нови индустриски и станбени зони кои ќе претставуваат современи можности за семејствата и нова перспектива за иднината.

Инфраструктурата е клучна за секој развој. Нужен приоритет ни е патниот правец Пробиштип – Пониква со што би го оживеале локалниот туризам и да дадеме можност на граѓаните и гостите да уживаат во природата што ја имаме. Покрај патот кон Пониква, ќе работиме и на реконструирање и проширување на патот Пробиштип – Свети Николе, за кое сметаме дека особено ќе го олесни вмрежувањето меѓу овие два града, и пошироко.

Од голема итност ни е подготвување на план за конечно решавање на јаловишната депонија – проблем кој предолго ја загрозува нашата околина. Во таа насока, ќе започнеме со консултации со еминентни експерти од таа област со цел да дојдеме до решавање на проблемот, за кој се ветуваше многу од актуелната локална власт, но наместо решенија, добивме уште едно разочарување и сведоштво за досегашното неработење. Следствено, ќе вложуваме во енергетска ефикасност и чиста средина, а во таа насока потребата од изградба на две пречистителни станици за отпадни води –  проект со меѓународна поддршка. Преку пречистителните станици, трајно ќе се реши проблемот со загадувањето на Пробиштип, Злетово, Ратавица и Киселичка река.

Во однос на спортот, сакам да најавам нов градски базен, а фудбалското игралиште во Злетово ќе доживее целосна трансформација.

Како го дефинирате концептот на одговорно управување со локалната самоуправа? Што значи за вас современа и транспарентна општина ориентирана кон потребите на граѓаните?

Тоневски: Одговорното управување со локалната самоуправа подразбира градење на меѓусебна доверба помеѓу институцијата и граѓаните. Локалната самоуправа е институција која е најблиску до граѓаните и токму таа треба најдиректно да помогне во подобрување на секојдневието. Тоа опфаќа подобрување на животниот стандард преку обезбедување квалитетна инфраструктура, јакнење на културниот и социјалниот живот, како и создавање на услови за развој на локалната економија.

Граѓаните мора да чувствуваат дека во општината имаат партнер, а не само бледи ѕидови и крута администрација. Современата општина ја замислувам како отворена, пристапна и транспарентна – секоја одлука се носи јавно, без дискриминација и во согласност со законите.

Како ја оценувате состојбата со економијата и инфраструктурата во Пробиштип? Кои се клучните инвестиции што би требало да ја поттикнат локалната економија?

Тоневски: Пробиштип има релативно добра инфраструктурна поврзаност, но уште многу простор за напредок. Нови вложувањата во патна, водоводна и канализациска инфраструктура, инвестициите во енергетската ефикасност имаат двоен бенефит – од една страна ќе го подобрат квалитетот на животот, а од друга страна ќе го направат Пробиштип попривлечен за нови инвестиции и бизниси.

Со изградбата на патниот правец до Пониква, ќе создадеме услови за забрзан развој на туризмот и локалната економија. Пониква и Лесново имаат огромен потенцијал да станат туристички атракции, кои ќе донесат повеќе посетители, нови работни места и дополнителни приходи за општината. Тоа ќе ја зајакне финансиската стабилност и ќе отвори можности за уште поголеми капитални инвестиции. Клучен приоритет е и изградбата на нова индустриска зона, како и создавање подобри услови за мали и средни претпријатија. Со тоа ќе обезбедиме стабилен и одржлив економски развој – но и подобар, посигурен живот за сите жители на Пробиштип.

Да не заборавиме дека Пробиштип е градот на рударите, додека рударството е носечки столб на економијата во Пробиштип. Рудниците не само што обезбедуваат стотици работни места, туку преку концесиски такси и даноци носат значителни приходи за буџетот на општината. Како актуелен директор на дел од рудниците, секојдневно ја согледувам важноста на оваа индустрија – не само за работниците и нивните семејства, туку и за секоја локална иницијатива, од инфраструктурни вложувања до социјални и културни проекти. Затоа, мојата цел е соработката меѓу општината и рудниците да биде уште поинтензивна, транспарентна и насочена кон максимална корист за граѓаните.

Голем дел од младите заминуваат од помалите градови во земјава. Какви мерки би понудиле за задржување на младите во Пробиштип?

Тоневски: Младите се иднината на Пробиштип и затоа нашата обврска е да им овозможиме услови да останат и да ја градат својата иднина токму овде. Една од првите мерки ќе биде субвенционирање, односно намалување на комуналниот надомест за младите брачни парови до 35 години кои сакаат да изградат свој дом, како и обезбедување на повеќе градежни парцели по почетна цена од само 61 денар за квадратен метар.

Ќе им дадеме целосна поддршка на младите кои сакаат да започнат сопствен бизнис – од канцелариски простор и административна помош, до едукативни обуки, трибини и пристап до меѓународни фондови. Нашата цел е младите да знаат дека локалната самоуправа постои за нив, стои зад нивните идеи и сака да ги подобри шансите на младите.

Инвестициите во младите, образованието и локалната економија се нашата најсигурна инвестиција во иднината.

Како ја оценувате соработката меѓу локалната и централната власт? Дали е можна подобра координираност за поголем развој на општината?

Тоневски: Соработката помеѓу централната и локалната власт е клучна за ефективно управување и развој на една општина. Актуелната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажа неселективност и достапност за сите локални самоуправи, без разлика на партиската припадност на градоначалниците. Секако, оваа соработка помеѓу локалната и централната власт може да биде многу подобрена и покоординирана.

Земајќи ја предвид политичката определба и поддршка која ја имам како кандидат од ВМРО-ДПМНЕ, верувам дека доколку добијам нов мандат, заедно со мојот тим ќе привлечеме повеќе поддршка и ќе поттикнеме регионален развој. Во секојдневна комуникација сум со највидливите носители на одлуки во државата гарантирам дека Пробиштип секогаш ќе биде соодветно препознаен. Работите ќе се движат многу побрзо и поефикасно, а тој капитал и моето искуство го ставам со служба на граѓаните. Верувам дека кога локалната енергија и визија ќе се спојат со силата на централната поддршка, тогаш дури и помалите општини можат да постигнат големи дела. probistip

Би можело да ве интересира

Измамник не платил за нарачаниот градежен материјал

Изгореа 300 хектари борова шума во неколку пробиштипски села

Горан Наумовски

(ВИДЕО) ВМРО-ДПМНЕ: Пробиштип го чека Анастасов да остане на зборот и да си поднесе оставка заради јаловиштето

Невреме со град во Пробиштип

Катерина Ѓуровски

Англичани измамиле фирма од Пробиштип и „заработиле“ 425.653 евра

МВР поднесе кривична пријава против полициски службеник од Пробиштип

А1он