Спомен куќите на Васил Главинов и Јордан Хаџи Константинов – Џинот се во добра кондиција и денеска сме на увид и правиме напори за нивна адаптација со цел да бидат постојано отворени за посетителите, најави министерот за култура и туризам Зоран Љутков при денешната посета на Велес. Тој воедно ја посети и Спомен куќата на Рацин која е најпосетувана од сите спомен куќи во Велес. Министерот Љутков попладнево ја посети и куќата на Аликара во која сега живее семејството Апасиеви, која е ставена под заштита на државата и моментално се реставрира.
Тој на денешната редовна посета на културните знаменитости во Велес беше со директорот на Националниот конзерваторски центар Александар Јорданоски и директорот на ЛУ Народен музеj Велес, Ангел Коруновски. Тие денеска го посетија и Народниот музеј и манастирската црква на манастирот „Свети Димитрија“ кај Велес каде оваа лето се изведуваат конзерваторски работи од страна на тим на Националниот конзерваторски центар од Скопје.
Како што појасни министерот Љутков, она што можел да види од посетата на спомен куќите е дека се во некоја кондиција и реално ќе им биде потребно мало освежување и обновување за ставање во функција за посетители од земјава и странство.
-Направивме увид, ќе направиме анализа за да видиме што е тоа што во иднина треба да се помогне. Воедно ги разгледавме и сите можности како да се прошират овие капацитети. Едно е материјалната помош, а втората наша помош како Министерство и заложба е спомен куќите постојано да бидат отворени за посетители. Треба да го видиме и начинот на стопанисување, затоа што некои од нив се под ингеренции на Народниот музеј, а некои под ингеренции на локалната власт, појасни Љутков.