Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес оцени дека капитулацијата на Украина само ќе му даде време на рускиот претседател Владимир Путин да се подготви за следната војна.
– Оваа војна мора да заврши. Но, не по секоја цена. Не сакаме Украина да капитулира. Таквата капитулација само ќе ѝ даде време на Русија, а Путин ќе го искористи тоа време за да се подготви за следната војна – рече Мерц на заедничката прес-конференција со полскиот премиер Доналд Туск, францускиот претседател Емануел Макрон и молдавската претседателка Маја Санду во Кишињев, објавува „Гардијан“.
Тој нагласи дека „вратите на Европската Унија се отворени“ за Молдавија и вети дека ќе продолжи да ја поддржува земјата „на овој пат колку што е можно повеќе“, вклучително и испраќање германски експерти за да помогнат во спроведувањето на реформите.
Коментирајќи ја загриженоста на Молдавија за агресивниот став на Русија и истакнувајќи ги обидите на Москва да се меша во молдавската демократија, Мерц истакна дека Европа останува доследна „во зачувувањето на слободата и суверенитетот“.
Претседателката на Молдавија, Маја Санду, денес беше домаќин на тројца европски лидери, по повод 34-годишнината од независноста на Молдавија во 1991 година.