Четири лица, меѓу кои и едно дете, загинаа синоќа во несреќа што се случи во областа на заливот Мусура во делтата на Дунав во Романија, кога брод со 14 патници се преврте поради бура.
На социјалните мрежи се појави и видео кое ги прикажува размерите на бурата што го зафати подрачјето во моментот на несреќата. Истрагата за околностите на трагедијата е во тек.
Според првите информации, бродот со кој пловеле туристите не бил регистриран за превоз на патници, ниту за пловење во такви услови. Покрај тоа, капацитетот на бродот најверојатно бил преоптоварен. Капетанот на бродот преживеал, но против него е отворена истрага поради сомнение за убиство од небрежност.
Портпаролот на ISU Делта Тулче, Даниел Настасе, изјави дека службата за итни случаи добила повик за помош во понеделник околу 19:30 часот, откако неколку лица завршиле во водата во областа Голфулуи Мусура, во каналот Сулина
„Спасувачките единици од Тулча и Кришан, заедно со службите за брза помош, граничната полиција и претставници на Капетанија на Сулина, веднаш беа испратени на местото на несреќата. Приватни пловила што се наоѓаа во близина се придружија на потрагата“, рече Настасе.
Шест лица беа пронајдени на местото на настанот во свесна состојба, додека четири лица беа пронајдени без знаци на живот. Медицинските екипи веднаш започнаа со реанимација, но сите подоцна беа прогласени за мртви.
За време на потрагата, беа пронајдени уште четири лица кои беа свесни и тие беа префрлени заедно со другите преживеани во службата за итни случаи во Сулина.
Едно лице беше префрлено во болницата во Тулча во тешка состојба, додека другите беа задржани локално.
Властите сè уште не објавија информации за националноста и идентитетот на туристите што беа во чамецот.