Социјалниот работник, Гоце Прцулоски по написот дека го возел таткото на четиригодишно дете за да го земе од мајката се закани со кривична тужба до А1он, нарекувајќи не неписмени, а притоа испомешал уредници од други портали со А1он иако сите податоци се уредно наведени во импресумот. Прцулоски испрати демант во кој не демантира ништо-пред се дека се возел со таткото низ Скопје во потрага по детето, а притоа индивидуалната одговорност за своите постапки сака да ја замени со колективна, на целиот Центар за социјални работи. А1он му остава простор во кој сака термин да ја каже својата верзија на Гоце Прцулоски, а до тогаш и најавените тужби остануваме на тоа што сме го напишале. Нема потпис на текстот зошто на него работат повеќе луѓе, но порталот има уредник со име и презиме на кого може да ги поднесе пријавите, а ние го охрабруваме да го направи тоа побрзо. Во продолжение, следува интегрално демантот на социјалниот работник Гоце Прцулоски.
„Првично неофицијално Ви се обраќам на Вас, затоа што Ве сметав за портал-медиум кој предходно не дозволи да му биде нарушен угледот, но бидејќи за мене важите за реномиран медиум кој првично ги проверува и сегрегира вестите пред да ги објави, се изненадив и разочарав од Вашата еднострана тенденциозност со наводи за новинарска неписменост во Ваша вест од 13.05.2025 година, за што ќе се обратам до сите органи за надзор над Вашето работење. Притоа Ви се обраќам од службена електронска пошта, затоа што во веста се информира за мојата работа и професија, каде Во Прилог Ви испраќам мој демант кој и писмено ќе Ви биде доставен на Ваша адреса и Барам од Ваша страна да биде објавен со следната содржина:
Јас Гоце Прцуловски – социјален работник најостро ги демантирам шпекулациите изнесени од ваша страна на ден 13.05.2025 година во објавената вест со наслов “Каубојска шема: социјалниот работник Гоце Прцулоски заедно со таткото од Охрид со негово возило сакале да го одзмат детето од мајката, објавени во порталот А1он.мк, без име на новинар а одговорен уредник на Ацо Кабранов.
Имено, Ве информирам дека информациите првично се спротивни на Закон за брак и семејство и Закон за социјална заштита, каде е наведено дека од овој тип на постапки е исклучена јавноста и не се од јавен интерес. Потоа информациите Ви се еднострани, невистинити и непроверени, до сега не сте побарале одговор на прашања од Институцијата, а очигледно сте земале во предвид несоодветно и правно непоткрепено мислење на адвокат, кој со изнесување во јавност невистинити и неточни информации има друга тенденциозност, односно има цел да се изврши притисок во јавноста и кај надлежните да се постави друго стручно лице кое не би постапувало објективно во постапката и во интерес на малолетното дете, туку во интерес на нејзиниот клиент. Притоа Ве информирам дека јас како социјален работник не постапувам индивидуално во ниту една постапка во Центарот, туку согласно Закон постапката ја води Стручен тим кој ја носи конечната одлука врз основа на извршена проценка која е индивидуална за секоја постапка. Со споменување на моето име и презиме, како и струката не само што ми е нарушен угледот и честа како социјален работник лично на мене, туку го нарушувате угледот и личниот интегритет на секое стручно лице во или вон институцијата и ја доведувате во ризик мојата и нивната безбедност. Од причина што оваа Ваша вест докажува дека постои сомнение за сторено кривично дело, а јас лично чувствувам договорност за себе, семејството и кон колегите, а со цел да се заштитам себе и нив во иднина, приморан сум да поведам соодветни постапки пред надлежните органи и институции во РСМ“.