Лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Полска денеска ја повикаа Русија да се согласи на целосен и безусловен 30-дневен прекин на огнот за да се создаде простор за разговори за праведен и траен мир во Украина.
„Заедно со САД, ја повикуваме Русија да се согласи на целосен и безусловен 30-дневен прекин на огнот за да се создаде простор за разговори за праведен и траен мир“, се вели во заедничката изјава на четворицата лидери.
Тие денеска во Киев се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски, покажувајќи единство еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин беше домаќин на своите сојузници на парадата на Денот на победата на Црвениот плоштад.
Тема на разговор на самитот е американскиот и европскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот во руската војна во Украина, што доколку биде одбиено од Москва, би значело заедничко воведување нови санкции, изјави француски дипломатски извор, додавајќи дека чекорот се уште не е финализиран.
Посетата на британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц и полскиот премиер Доналд Туск е првпат лидерите на четирите земји заедно да отпатуваат во Украина.
Зеленски ги придружуваше додека им оддадоа почит на украинските војници кои загинаа во војната пред споменикот во центарот на Киев.
Посетата доаѓа во непредвидлив дипломатски момент по повеќе од три години руска војна против Украина.
Американскиот претседател Доналд Трамп се залага за брз мир, менувајќи ја политиката на неговиот претходник по пристигнувањето во Белата куќа во јануари.
По директниот ангажман со руските официјални лица, јавната конфронтација со Зеленски и краткото суспендирање на виталната воена помош за Украина, администрацијата на Трамп ги поправи врските со Киев и потпиша договор за минерални ресурси.
Трамп, исто така, значително го промени својот тон, сигнализирајќи растечка фрустрација поради одолговлекувањето на Путин во врска со прекинот на огнот, како што Вашингтон ја опиша ситуацијата.
Американскиот претседател се закани дека ќе ги зголеми санкциите против Русија, но исто така рече дека може да се откаже од мировните напори доколку нема напредок.
Во четвртокот тој повика на 30-дневен прекин на огнот, а Зеленски рече дека ќе биде подготвен веднаш да го спроведе.
Европската унија се приклучи на повикот за 30-дневен прекин на огнот.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во петокот изјави дека Русија го поддржува спроведувањето на 30-дневен прекин на огнот, но само со соодветно разгледување на „нијансите“.
Во изјавите за ABC емитувани денес, Песков сугерираше дека западната воена помош за Украина мора да престане за да дојде до привремен прекин на огнот. „Во спротивно, тоа ќе биде предност за Украина“, рече тој.
Западната воена помош е од витално значење за Украина од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година.
Се очекува политичарите да одржат прес-конференција и далечински состанок со другите водачи за да ги информираат за напредокот на идната коалиција на воздушни, копнени и поморски сили за да помогнат во обновувањето на вооружените сили на Украина по мировниот договор.
Посетата е на последниот ден од прекинот на огнот од 8 до 10 мај прогласен од Путин, кој Украина не го прифати, осудувајќи го како лажен. Двете страни меѓусебно се обвинија дека го прекршиле.