Деновиве Рим е под голем туристички притисок поради подготовките за погребот на папата Франциск, а цените постојано се зголемуваат.
Авио билетите се претежно распродадени, а цените скокнале од околу 150 на 500 евра за еден ден. Сместувањето стана вистински луксуз, а цените од вторник до петок се тројно зголемени, па така ноќевањата во хотелите со појадок се зголемија од 150 на 400 евра по лице, додека викенд за двајца може да чини и до 1.000 евра.
Туристичкиот одбор на Рим известува дека се очекуваат околу 320.000 ноќевања во хотели и 115.000 во апартмани, додека реалната бројка може да биде и поголема. Освен за сместување, поскапуваат и сувенирите – магнетите кои на почетокот на неделата беа по цена од 50 центи до 1 евро, сега се продаваат за 2-5 евра, додека за рачно изработени магнети се бараат и до 7 евра.
Римјаните се навикнати на гужви, но овие големи туристички можности ги користат и продавачите „ловци во темнината“, кои на улиците препродаваат разни производи, како полначи за мобилни телефони, чадори и други туристички сувенири. Цените на овие производи, секако, зависат од вештината на пазарење.
Проблемите не изостанаа ниту во такси-индустријата каде цените за возење до хотелите нагло пораснаа. За возење од само шест минути патниците требаше да платат дури 30 евра, додека ден претходно истото возење чинеше 9 евра.
Вообичаените италијански специјалитети како пица, тестенини и лазањи се достапни речиси насекаде, а цените во рестораните варираат. Во областа Трастевере, квалитетните ресторани нудат оброк по цена од 20 до 30 евра.
Едно од најголемите изненадувања беше цената на популарниот италијански сладолед – „џелато“, кој се наоѓа во близина на базиликата Свети Петар и достигна цена од 10 евра за порција од две топки, што предизвика реакции кај туристите.
Иако Рим со години страда од масовниот туризам и неговите негативни последици, со добра подготовка и информирање преку онлајн платформите, туристите можат да заштедат пари, но мора да бидат подготвени на високи трошоци за време на големи настани, како што е случајот со погребот на папата Франциск.