Турција испрати денеска кон границата со Сирија конвој од околу 20 камиони, кои превезуваат воени лица, ракетни батерии и оклопни возила.
Ова е уште едно во серијата распоредувања на воени сили и оружје во регионот во изминативе недели. Засега нема индикации дека турските сили се подготвуваат да ја преминат границата и веројатно активностите на армијата имаа целосно превентивен карактер, јавуваат турските медиуми.
Конвојот ја напуштил базата во округот Газиантеп и се упатил кон југ кон округот Килис, каде ќе бидат стационирани воените сили.
Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, кој стана еден од најголемите критичари на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад упати минатата недела предупредување поради поставувањето на кампови на Курдската работничка партија во северна Сирија.