„Како ваш колега и министер за култура и туризам, сакам искрено и длабоко да Ви се извинам поради тоа што се случи – платите да доцнат и да не бидат исплатени пред Велигденските празници“.
Ова меѓу другото на Фејсбук го напиша министерот за култура и туризам Зоран Љутков до вработените во културата кои се пожалија дека не ги земаа платите за март до законскиот рок – 15 април.
„Свесен сум дека тоа е голем проблем кој предизвика непријатност за Вас и Вашите семејства, уште повеќе што ова треба да се денови на радост и семејна прослава. Искрено жалам што дојде до ова доцнење и покрај сите мои напори да се стигне на време. Причината за ова е долгогодишниот, нерешен проблем со усогласувањето на платите на вработените во културата што пак секоја година создава огромни проблеми. За конечно и трајно да го надминеме овој предизвик мораше да се усогласат сите засегнати страни, што не било пракса во минатото и сето тоа за жал, доведе до доцнење со исплатата. Ве уверувам дека оваа постапка која се одвиваше деновиве има за цел да создаде основа за подобро, поправедно и достоинствено вреднување на нашата работа во иднина. Ви се заблагодарувам на трпението, разбирањето и професионалноста што ја покажувате. Од мое име Ви се извинувам и Ве уверувам дека посветено работиме ваквите ситуации никогаш повеќе да не се повторат“ – посочи министерот Љутков.