Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун по посетата на Меморијалниот центар Поточари-Сребреница изјави дека Обединетите нации во јули 1995 година пропуштиле да ја заштитат Сребреница.
„Мораме да ја научиме лекцијата од Сребренци за да ги спречиме новите колежи низ светот“, рече тој и додаде за еден генерален секретар на ОН не постои потажно место за посета од доаѓање во Меморијалниот центар на жртвите од геноцидот во Сребреница.
„Овде стојам во тага и жалост. Ние ја делиме болката, изразувам длабоко почитување на жртвите и сочувствувам со нивните семејства. На сите им кажувам дека целиот свет е со нив. Ништо не може да ја надомести таквата болка и празнина во нивните срца. Никој не може да ја надомести татковата рака и насмевката на детето. Знам дека многу мајки овде ги погребаа своите синови и им го изразувам моето почитување“, рече Бан Ки-мун.
„Додека стојам и ги гледам бескрајните редови со гробови, имињата на Амир, Хамдија и уште осум илјади други, сакам да кажам дека Сребреница е свето место за семејствата на жртвите, но и за семејството на нациите“, порача генералниот секретар на ОН.
Бан Ки Мун претходно им се поклони на жртвите од геноцидот и положи венец кај спомен обележјето. Тој го обиколи молитвеникот (мусала) и ѕидот со имињата на сите 8.372 жртви на геноцидот.