„Рисајкларт ја поврзува културата со невработеноста“, е начинот на кој Дирк Сегерс, го објаснува концептот на независниот културен центар „Ресајкларт“ кој се наоѓа во Брисел.
Сегерс кој е координатор на арт програмата на центарот, за А1он вели дека оваа непрофитна организација има за цел со рециклирање на јавниот простор да ги задоволи културните потреби на граѓаните, а во исто време и да ја намали невработеноста.
Наоѓајќи се во просториите од напуштената железничка станица „Brussel-Kapellekerk/Bruxelles-Chapelle“ во центарот на Брисел, Рисајкларт функционира како мултидисциплинарен арт центар, кој организира концерти, забави, изложби, дебати, предавања за архитектура, јавни простори и дизајн. Железничките мостови во близина функционираат како отворена галерија, додека пак малиот плоштад пред станицата се користи како скејтпарк и летна тераса за концерти.
Просториите на поранешната железничка станица се претворени во бар- ресторан, тренинг центар за обработка на метал и дрво (наречен Фабрика), концертен простор и канцеларии, а освен работењето на проекти за јавниот простор во градот и неговото приближување до луѓето преку различни медиуми и уметнички концепти, Рисајкларт генрално се фокусира на проекти за вработување.
Сегерс објаснува дека во ресторанот и работилниците за дрво и метал вработуваат луѓе кои се најмалку 5 години невработени, имале проблеми со зависности или пак се поранешни затвореници.
„Овие луѓе немаат обуки за работни вештини или сертификати, а со тоа припаѓаат на најнискиот слој на пазарот на трудот и немаат скоро никаква шанса да најдат работа“, вели Сегерс, додавајќи дека вработувањето во Рисајкларт може да биде максимум до 2 години, овозможувајќи до 75% сигурност за следно работно место.
Како непрофитна организација за целиот концепт добиваат малку средства од Градот Брисел, француското министерство за култура, фламанското министерство за култура како и од агенцијата за вработување. 35% од буџетот го заработуваме сами, вели Сегерс, објаснувајќи дека работилниците за метал и дрво освен приватни нарачки многу често изработуваат објекти за јавните простори во градот.
„Поголеми проекти на работилницата за дрво се скејт паркот во Брисел и мебелот за јавната библиотека, додека пак работилницата за метал произведува паркинзи и гаражи за велосипеди кои се наоѓаат на јавните простори во градот, кои ги нарачува државата“, објаснува Сегерс.
Секаде во светот постојат населби каде луѓето најпрво бараат вработување, па потоа уметност, посочува Сегерс, додавајќи дека со линкот меѓу културата и невработеноста, се трудат да развијат врска меѓу населбата во која луѓето живеат и развивањето на нивните културни потреби.
Постоејќи од 1997 година, Рисајкларт има за цел да окупира локации кои не се употребуваат како и да поттикне инвестирање во нив преку проекти кои ќе ја комбинираат невработеноста и културата.
„Нашата цел е овие локации да работат како катализатори или „културни мотори“ на локации кои се проблематични во градот“, заклучува Сегерс.
Темјана Поповска
Фото: Јакуб К.