Може да имате милион идеи, но сите се безвредни доколку не преземете нешто да ги реализирате, истакна во една прилика Лаурен Амаранте основачот на Светскиот ден на претприемништвото.
Можеби сакате да основате свој бизнис, да креирате нешто ново, и секогаш си велите дека не е вистинското време. А кога всушност ќе дојде правото време да станете од кревет и да го реализирате замисленото? Вистински момент не постои – треба сами да го создадете. Вие можеби имате во вашата глава решение за некој светски проблем, но сето тоа е залудно доколку не превземете акција“, им порача министерот Сараќини на младите претприемачи на прогласување на најдобрите бизнис планови во рамки на проектотНатпревар за започнување на бизнис „Биди перспективен започни свој бизнис”.
Овој проект Министерството за економија го организираше за првпат и има за цел да го зголеми бројот и квалитетот на иновативните почетни бизниси, основани од студенти и млади претприемачи. Проектот се спроведуваше во две фази, и тоа избор на најдобри„Бизнис идеи“ за студенти и млади потенцијални претприемачи на возраст од 18 до 30 години, за кој аплицираа 106 лица, а беа селектирани најдобрите 30 бизнис идеи и се спроведоа обуки согласно 13 модули дефинирани во акцискиот план на проектот.
За втората фаза од проектот за избор на најдобар„Бизнис план“се пријавија млади претприемачи со вкупно 29 бизнис планови, но предмет на оценување од страна на комисијата беа 20 бизнис плана, кои ги исполнуваа сите критериуми и услови дефинирани на јавниот повик. Врз основа на оценката на бизнис плановите и оценката од презентацијата, беа селектирани 3, односно 4 најдобри бизнис планови кои денеска беа наградени.
Оттука, во рамки на проектот, Министерството за економија предвиде доделување на парични награди – ваучери за најдобрите 3 бизнис планови и тоа: 1 награда во вредност од 330.000 денари, 2 награда во вредност од 230.000 денари и 3 награда во вредност од 140.000 денари.
Министерот Сараќини ги додели вредносните ваучери на Дане Тодоровски за првопласираниот бизнис план МЕО- Мрежа на електронски отпад, Аделина Селими за второпласираниот бизнис план Warlander и Блерант Рамадани за третопласираниот бизнис план In Safe Eco Energy.
Покрај овие три награди беше доделена награда и на четвртопласираниот бизнис план од страна на група автори на книгата „Патот кон сопствен бизнис“ кои одлучија средствата од наградата „Гоце Делчев“ да ги доделат на авторот на четвртопласираниот бизнис план MOBIDOONIA. Радмил Поленаковиќ, како преставник на групата автори на оваа книга додели вредносен ваучер во износ од 100.000 денари на четврто пласираниот бизнис план чиј автор е Даниел Димов.
На доделувањето на вредносните ваучери свои обраќања имаа и ректорот на Државниот универзитет во Тетово Вулнет Амети и проректорот за настава Влатко Стоилков, а Агенцијата за поддршка на претприемништвото на РМ, преку директорот Мустафа Мандал, додели ваучери за регистрација на фирма во Централниот регистар на РМ, со кои се покриваат трошоците на трите најдобри бизнис планови.