Во неколку градови низ Македонија од денеска до 22 октомври ќе биде одбележана 13. Недела на италијанскиот јазик во светот.
Активностите во Македонија ги организира Амбасадата на Италија во Скопје, а целта е да се поттикнат и поддржат оние кои се занимаваат со италијанскиот јазик и култура. Тема на годинашната програма е „Истражување, откритија, иновации: Италија на знаењата“. Фокусот ќе биде ставен на италијанските истражувачи и нобеловци, на жените научници, како и на две важни настана – 700 години од раќањето на Џовани Бокачо и 20 години од смртта на светски познатиот режисер Федерико Фелини.
Неделата на италијанскиот јазик во Македонија денеска почнува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ со претставување на преводи на книги од Бокачо и други италијански автори. Предавање за студентите на Катедрата за италијански јазик и книжевност ќе одржи научниот работник Фабио Матеоли, а вечер во Кинотека на Македонија ќе биде отворена изложба „Храната во цртежите на Федерико Фелини“ во организација на италијанскиот регион Емилија Ромања.
Во наредните денови во Кинотека ќе бидат прикажани и познатите филмови на Фелини „Џинџер и Фред“, „Сладок живот“ и „Бадијалџии“. Дел од активностите од Неделата на италијанскиот јазик ќе бидат одржани и во Штип, Битола и Кавадарци.