Лидерите на Босна и Херцеговина не постигнаа договор за уставните измени кои се услов за продолжување на европските интеграции. Состанокот се одржа во Брисел, а неговиот исход доведе и до откажување на претходно закажаната прес-конференција со еврокомесарот за проширување Штефан Филе.
Третата рунда дијалог заврши како и претходните две – без договор за клучните прашања кои се пречка за босанските евроинтеграции.
Неуспехот на оваа рунда дијалог значи дека БиХ ќе изгуби најмалку 60 милиони евра помош од европските фондови, а од ЕУ предупредуваат дека кандидатурата на БиХ за членство во Унијата би можела да биде одложена на неопределено време.