Поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман на денешното судско рочиште во скопскиот Кривичен суд рече дека немало никаква злоупотреба и пречекорување на службената положба и прибавување парична корист за друг при ископувањата што се вршеле кај Драмски рид, делчевско и на патот Велешко езеро- Катланово.
Локациите во делчевско и во катлановско, како што истакна, воопшто не се наоѓале на археолошката карта и не биле археолошки локалитети.
Управата за заштита на културното наследство издала согласности на физички лица, граѓани на Македонија, нестручни лица за изведување на земјени работи за проверка на наоди за постоење на културно наследство и скриено богатство. Управата, притоа побарала асистенција од МВР и Бирото за јавна безбедност, во случај да биде откриено скриено богатство и евентуално културно наследство кое би било во сопственост на државата.
– Мојата најискрена мотивација при реализација на овој потфат, а верувам дека тоа било мотивација и на целата Управа, беше во случај да биде откриено скриеното богатство Управата да биде таа што ќе придонесе за нашата држава бидејќи тоа богатство би било подржавено, рече Кузман.
Тој го праша Обвинителството, која друга институција освен Управата би можела да издаде такви согласности на други лица за барање скриено богатство.
Во својот исказ Кузман тврдеше дека на МВР исплатил над три милиони денари буџетски пари за полициска асистенција.
Според него, во случај да било откриено културно наследство, тогаш физичките лица би се надевале на награда што и законски би им следувала.
Во судскиот процес за „Фаланга 2“ им се суди на вкупно 15 обвинети. Полицијата го сомничи Кузман дека заедно со уште тројца вработени во Управата во 2011 година незаконски издавале дозволи за ископување на локалитетите во делчевско и во катлановско и повикувале полициска асистенција да ги обезбедува археолошките локалитети и не плаќале, со што го оштетиле буџетот на МВР за 1,2 милиони денари.