Околу 520 ученици од општина Петровец за година ипол ќе учат во нова училишна зграда. За изградба на основното училиште ќе бидат потрошени 87,6 милиони денари, обезбедени преку проектот за поддршка за унапредување на општинските услуги, финансиран од Светска банка.
Договорот за изградба денеска го потпиша градоначалникот на општината со изведувачот „Вардар градба“ во присуство на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
– Капиталните инвестиции не се само бројки. Капиталните инвестиции се всушност изградба на нови училишта, амбуланти, патишта, водоводи и канализации. По тој повод и денеска сме тука на потпишување на договор за изградба на ново основно училиште „Кочо Рацин“ во општина Петровец, истакна вицепремирот Ставрески по потпишувањето на договорот.
Тој изрази задоволство што во општината ќе се гради ново училиште кое ќе го замени стариот објект во кој сега учат децата.
– Со денешното потпишување на договорот ќе почне реализацијата на едно ново училиште кое ќе го замени постоечкиот стар 50-годишен објект и на тој начин за над 520 ученици од општина Петровец ќе создадеме подобри услови за одвивање на наставниот процес, а за професорите и наставниците соодветни кабинети за реализација на наставата. Со изградбата на енергетски ефикасен објект ќе заштеди и општината. Проценките се дека заштедите ќе бидат околу 50 и 75 проценти, подвлече Ставрески.
Според него, во општина Петровец се повеќе се подобруваат условите за живеење на граѓаните. Се реновираат училиштата, изградена е нова амбуланта, а во завршна фаза е и изгрдабата на спортска сала