Грчкиот претседател Каролос Папуљас ги повика Грците денешната 38-годишнина од воспоставувањето на демократијата по седумгодишната воена хунта, да ја искористат како можност да откријат зошто Грција се соочува со сегашните проблеми.
Во неговата годишна порака со која се одбележува падот на хунтата, Папуљас рече дека Грците мора да откријат зошто пост-диктаторската ера, позната како метаполитефси, треба да заврши волку горко, јави дописникот на МИА од Атина.
„Годишнината од воспоставувањето на демократијата ни дава можност да застанеме за момент и да се прашаме како завршивме тука, зошто метаполитефси завршува на ваков трауматичен начин и како можеме да излеземе од овој ќорсокак“, изјави грчкиот претседател. Тој додаде дека одговори постојат, и оти само треба да се пронајдат.
Папуљас стави акцент и на порастот на фашизмот и расистичките напади во Грција, и не пропушти да повика да запре „турската окупација на Кипар“.
Поради кризата во земјата, Папуљас годинава првпат нема да организира прием по повод годишнината од падот на воената хунта.